Кумановски нотар ќе одговара за измама

Сподели со своите пријатели

СВР Куманово поднесе кривична пријава против С.Д. (64) од Куманово поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела ,,злоупотреба на службена положба и овластување“ и „измама“ и против С.З. (51) од Куманово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „измама“, информираат од Министерството за внатрешни работи.

С.Д., до 2017 година нотар за Општина Куманово, на 28.10.2013 година по барање на Г.З. и Б.И. да извршат купопродажба на недвижност – стан во изградба, изготвил Нотарски акт-Преддоговор за продажба во којшто Г.З., во присуство на неговиот син, односно второпријавениот, му продале на С.С. од село Младо Нагоричане и неговиот зет Б.И. од Куманово недвижност за која во Агенцијата за недвижност на Република Македонија-Одделение за катастар на недвижности Куманово имало заведено залог-хипотека на недвижност во износ од 6.300.000 денари.

С.Д., и покрај тоа што бил запознаен со таквата состојба, ги довел во заблуда Б.И. и С.С. дека недвижниот имот не подлежи под никаков товар покажувајќи им го Листот за предбележување на градба, во којшто немало заведено хипотека, при што во Нотарскиот акт- Преддоговор за продажба на недвижниот имот, внел одредба дека продавачот гарантира дека недвижноста, предмет на овој договор за продажба, е негова сопственост и дека не подлежи под никаков товар, како и тоа дека продавачот на купувачот ќе му го предаде недвижниот имот во владение најдоцна до 31.08.2014 година. Б.И. на 28.10.2013 година на трансакциска сметка на име на Г.З. уплатил 797.600 денари, по што тој им ветил дека доколку ги уплатат сите рати до септември 2014 година ќе им го пренесе купениот имот. Б.И. и С.С. уплатиле вкупен износ од 2.393.920 денари без да знаат дека Г.З. како хипотекарен должник не ги плаќале доспеаните рати и на 08.05.2014 година со Налог од Извршител му била ставена забрана за отуѓување на недвижен имот, со што Б.И. изгубил можност да склучи Договор за купопродажба.