Полициски службеник од СВР Куманово е повреден при обид да интервенира на инцидент кој се случил во кумановската населба Перо Чичо.
Полициски извори за Кумановски Муабети, вчеравечер брифираа дека полицаецот бил нападнат со нож додека спречувале обид за убиство, додека пак од СВР Куманово вчеравечер изјавија дека полицаецот бил повреден со нож додека се обидувал да спречи самоубиство. Сепак денешната официјална верзија на МВР е сосема поинаква, тврдат дека полицискиот службеник се самоповредил.
Околу 14.00 часот, во дворно место од куќата на улицата „Анѓа Ранковиќ“ во Куманово, Џ.С. (33), кој бил пуштен на домашно отсуство од Казнено поправната установа Затвор Скопје, започнал расправија со неговата поранешна невенчана сопруга Н.Р. (47). Тогаш нејзиниот син Р.Р. започнал со раце да го турка затвореникот и од масата земал кујнски нож продолжувајќи да се расправа со него. Џ.С. успеал да му го одземе ножот, а по кратко време, на местото на настанот дошла екипа од полициската станица Куманово.
Како што информираат од Министерството за внатрешни работи, при обид да му го одземе ножот на Џ.С., еден полициски службеник се самоповредил, односно си нанел расекотина на дланката од левата рака. Џ.С. бил приведен и спроведен во Казнено- поправната установа Идризово.
Повредата на полицискиот службеник му била санирана од екипа на Итна медицинска помош. Од полицијата, велат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.