Поранешна директорка на кумановско училиште ја злоупотребила службената положба

Сподели со своите пријатели

Во текот на вчерашниот ден до Основното јавно обвинителство Куманово од страна на СВР Куманово била поднесена кривична пријава против 54-годишната М.С., поранешен директор на ООУ „11 Октомври“ поради постоење основи на сомнение дека го сторила кривичното дело „Злоупотреба на службена положба и овластување“ од член 353 од Кривичниот законик на Република Македонија.

Како што стои во соопштението на СВР Куманово, пријавената во својство на одговорно лице – директор на ООУ „11 Октомври“ во повеќе наврати ја злоупотребила својата службена положба и овластување пречекорувајќи ги границите на своето службено овластување, самостојно вршејќи набавки без донесена одлука на Училишниот одбор за јавни набавки, без да спроведе било каква постапка за јавна набавка и прибирање на понуди од повеќе добавувачи и со склучување на директни спогодби со добавувачи, без планирани и одобрени буџетски средства за таков вид на набавки за кои дел од набавките не склучувала договори, а за дел склучила договори за набавка директно со добавувачите во износ од 440.837 денари.

Истата неодговорно постапувала при прибирањето на парични средства од ученици во готовина, во точно неутврден износ по разни основи (за кифли, обезбедување, екскурзии и др.“ на образец Каса да прими, дел од така прибраните парични средства ги плаќала диреткно да добавувачи во готово за што издавала образец Каса да исплати, без парите да бидат вирмански внесени на сметка на училиштето за самофинансирачки активности,  а дел од тие пари во готовина неодговорно ги трошела за разни други потреби во училиштето и со тоа создавала долгови на добавувачи оштетувајќи го училиштето за точно неутврден износ.

Незаконски постапувала и на начин што го давала под закуп на физички и правни лица спортскиот објект – сала која е во склоп на училишето без добиено одобрение од Градоначалникот на Општина Куманово, за што примале парични средства во готовина, од кои средства потоа дел ги внесувала вирмански на сметката на училиштето за самофинансирачки активности, а дел од парите во готовина неодговорно ги трошела за разни други потреби во училиштето и со тоа создавала долгови на добавувачи оштетувајќи го училиштето за точно неутврден однос, стои во соопштението од Секторот за внатрешни работи Куманово.