Буџетот и програмите за 2018 година утре на дневен ред во Советот на Општина Куманово
On:
Сподели со своите пријатели
Советниците на Општина Куманово утре ќе ја одржат четвртата седница по ред, на која на дневен ред ќе се најдат ни помалку, ни повеќе 41 точка.
Пред советниците најпрвин ќе се најде точката со програмата на Јавното претпријатие „Водовод“ за 2018 година, а потоа следуваат и финансиските извештаи и програми за работа на јавните претпријатија „Пазаришта“, ЈП „Чистота и зеленило“, „Куманово паркинг“ и „Куманово гас“.
На дневен ред ќе треба да се гласа и за програма за користење, одржување, реконструкција и изградба на јавното осветлување на подрачјето на Општина Куманово за 2018 година, како и за за повластено користење на паркинг услуги на јавните паркиралишта и јавните површини наменети за паркирање од страна на лица со посебни потреби, како и програма за одржување јавна чистота на јавни сообраќајни површини и уредување и одржување на градско зеленило во текот на следната година, но и програмата за развој на социјална заштита во период 2018-2021 година.
Програмата за субвенционирање на наставни, воннаставни и спортски активности по пливање во Затворен базен за учениците од основните и средните училишта исто така ќе се најде на дневен ред пред советниците, а ќе треба да се изгласа и за годишна програма за 2018 година на Фондација за култура и спорт, предлог програмата на културни манифестации на Општина Куманово, предлог – правилник за начин на распределба на средства за реализација на програма за развој на спортот и рекреативните активности.
Според точките на дневен ред, доколку со мнозинство гласови се изгласа 20. точка, Општина Куманово ќе воспоставу меѓуопштинска соработка со Општина Старо Нагоричане во текот на следната година. Тоа последователно на дневен ред ги носи и точките за предлог – одлука за формирање на заедничка комисија за подготовка на предлог на актот за воспоставување на меѓуопштинска соработка и предлог – договорот за остварување на меѓуопштинска соработка, како и предлог – решение за именување на членови во заедничката комисија.
Предлог – одлука за спроведување на мерки за субвенционирање на трошоци за комунални услуги исто така ќе се најде за дебата пред советниците, заедно со предлог – акционен план за енергетска ефикасност на Општина Куманово за 2018 година, предлог – програми на активности од областа на заштита на животната средина и природата, за субвенционирање на граѓани за приклучок на гасификациона мрежа на подрачје на Куманово, предлог – програма за изменување и дополнување на Програмата за уредување на градежно земјиште, изградба и одржување на комунална инфраструктура, за изменување и дополнување на програмата за урбанистичко планирање.
Советниците ќе треба да гласаат и за предлог одлуките за зголемување на основните главнини на јавните претпријатија „Куманово паркинг“ и „Куманово гас“.
Меѓу последните, но сепак најважна, како 36. точка на дневен ред ќе се најде предлог Буџетот на Општина Куманово за 2018 година, потоа следуваат предлог – одлука за извршување на Буџетот, но и за утврдување на вредноста на бодот за платите на државни службеници за, како и предлог – одлука за утврдување на висина на благајнички максимум за готовинско плаќање од Буџетот на општината.
Како последни две точки над дневниот ред ќе се најдат предлог – одлука за исплата на еднократна парична помош од Буџетот на Општина Куманово и предлог – решение за формирање на Комисија за изготвување на предлог – програма за работа на Советот на Општината Куманово за 2018 година.
Четвртата седница започнува во 10 часот, а можете да ја следите со директен пренос на Телевизија „Плус“.