Во Куманово поставени мобилни бараки за новогодишниот базар
On:
Сподели со своите пријатели
Здружението на угостители од Куманово „Бисер“ донираше 10 мобилни бараки, коишто закупците можат да ги изнајмат по симболична цена од 150 до 200 денари дневно и да понудат празнична декорација за граѓаните на Куманово.
Градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски, денеска заедно со претставниците на здружението оствари средба со закупците на градскиот плоштад пред Центарот за култура, каде е лоциран новогодишниот базар. Тој информираше дека цената е утврдена во соработка со надлежното претпријатие и со инспекциските служби, со цел да им се излезе во пресрет на закупците кои ќе понудат новогодишни украси, честитики по поволна цена за кумановци.
– Ја користам приликата да се заблагодарам на здружението на угостители „Бисер“ кој е донатор на овие бараки. Воедно, апелирам до закупците да се однесуваат совесно, бидејќи ќе се користат и наредните години и за други пригоди и услуги за различни манифестации, изјави градоначалнкот Димитриевски.
Овој начин на продажба според Димитриевски е поуреден и поорганизиран и за граѓаните и за закупците.
Влајко Стојчевски, угостител и претставник на здружението, информираше дека како општествено одговорни субјекти се одлучиле да ги донираат мини бараките за да им излезат во пресрет на граѓаните и на закупците. Претходно на градскиот плоштад беа поставени 25 унифицирани мини тезги кои општината ги набави пред неколку години.
До крајот на неделава се очекува да отпочне украсувањето на градот, информираше градоначалникот Димитриевски, одговарајќи на новинарски прашања. Засега на градскиот плоштад во Куманово е поставена само елката.
– Општина Куманово ги нема исплатено своите обврски кон фирмата која што има добиено тендер за осветлување на градот веќе две години по ред. Разговараме со фирмата и беше ветено дека ќе го украси градот, изјави градоначалникот.
Тој информираше дека фирмата ветила дека ќе отпочне со украсување до крајот на неделава. Што се однесува за долгот кон оваа фирма, општината, додаде ќе го сервисира согласно финансиските можности.
– Како што знаете општината е во таква финансиска состојба каква што е, односно работи под задолжителна резерва, изјави Димитриевски.