Во пресрет на новогодишните и божикните празници, кога е зачестена појавата на продажба на пиротехнички средства и кога малолетниците употребуваат петарди, Отсекот за превенција од СВР Куманово ги потсетува граѓаните на законските мерки, но и упатува апел за поголема контрола на родителите врз малолетниците.
– Особено апелираме до родителите и старателите да имат поголема контрола над малолетниците во врска со употребата на пиротехничките средства – петарди, не само поради санкциите врз основа на членот 34 од Закон за прекршоци против јавниот ред и мир, туку пред се поради опасноста што може да повредат друг или да се самоповредат, се наведува во известувањето на СВР Куманово.
Оттаму го потенцираат дека според член 34 од овој закон, на родител или старател чие дете, односно штитеник заради занемарено грижење врши прекршоци од овој закон, ќе му се изрече глоба во износ од 600 до 800 евра во денарска противвредност.
Во известувањето на СВР Куманово се додава дека недозволеното изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи е кривично дело, согласно член 396 од Кривичен законик. Тој кој неовластено изработува, држи, продава, набавува или врши размена со огнено оружје, муниција или експлозивни материи, ќе се казни со затвор од една до десет години. Ако предмет на делото од ставот 1 е поголемо количество на огнено оружје, муниција или експлозивни матери, или огнено оружје, муниција или експлозивни материи кои на граѓаните им се забранети, сторителот ќе се казни со затвор најмалку пет години.
Предметите од ставовите 1 и 2 и средствата за нивни изработување, пренесување и растурање ќе се одземат. Неовластено пукање од огнено оружје, употреба на пиротехнички средства или сличен експлозивен материјал, е санкционирано како прекршок од Законот за прекршоци согласно член 31 во кој се вели дека на лицето кое неовластено пука од огнено оружје, употребува пиротехнички средства или сличен експлозивен или лесно запаллив материјал или на сличен начин го нарушува мирот и безбедноста на граѓаните, ќе му се изрече глоба во износ од 200 до 500 евра во денарска противвредност.
Извор: МИА