Премиерот Зоран Заев денеска имаше средба со претставници на Синдикалната организација на вработените на подружница влеча на возови во МЖ Транспорт, предводени од претседателот на синдикатот, Ѓоко Илиевски.
На средбата се разговараше за проблемите со кои се соочува ова претпријатие, за условите за работа во кои работат работниците, како и за новите перспективи кои се отвораат за железничкиот сообраќај во Македонија со зголемениот интерес за изградба и комплетирање на коридорите 8 и 10, соопшти владината прес-служба.
Во таа насока Заев посочи дека Владата има системска определба во изнаоѓање трајно решение на проблемите во Македонски железници.
Премиерот оцени дека изнаоѓање решение е важно од причини што се отвораат економските перспективи за железничкиот сообраќај со комплетирањето на Коридорите 8 и 10, со што се отвораат можности Македонија да стане транспортен јазол на Балканот и во железничкиот и во патниот сообраќај, се додава во соопштението.
Заев ги слушна барањата на работнците организирани во овој синдикат, и порача дека низ взаемен дијалог помеѓу Владата, синдикалните организации и менаџментот на МЖ ќе се разгледуваат можностите и ќе се носат одлуки за трајно и системско решение на проблемите во Македонски железници.
Извор: МИА

