Рурална коалиција: МЗШВ од 2013 до 2016 партиски делело субвенции
On:
Сподели со своите пријатели
Наместо да се креираат развојни земјоделски политики, во периодот 2013 – 2016 година дел од администрацијата во ресорното Министерство водеше сметка кој колку државно земјиште ќе добие и се занимаваше со субвенции кои се делеа по партиска линија на големи површини што не се обработуваат и притоа се беше нетранспарентно, беше речено на денешната прес-конференција на Рурална коалиција.
Рурална коалиција го промовира истражувањето кое покажува дека од вкупно 400 анкетирани земјоделци, 21 отсто му даваат оценка „еден“ на МЗШВ за работата од 2013 до 2016 година, а 45 проценти „двојка“.
Според извештајот, незадоволството е поради нефункционалноста на работените тела кои треба да обезбедат учество на земјоделците во креирањето и спроведувањето политики. И земјоделците и вработените во МЗШВ се согласуваат дека работените тела се целосно нефункционални и нивното постоење е само формално спроведување на законските одредби.
– Над 60 од земјоделците не се задоволни од работењето на Министерството или дури 21 процент даваат единица. Тоа се потврдува и со фактот дека само 16 проценти од нив имаат информација како да се вклучат во активностите, но само 21 од испитаниците биле активни во овие тела, рече извршниот директор на Рурална коалиција Лилјана Јоноски.
Истражувањето беше спроведено во сите региони на државата, во рамки на проектот „Отчетност за сработеното со парите на граѓаните-реформа на јавната администрација која тешко се достигнува“, поддржан од ЕУ.
Целосниот извештај ќе биде доставен до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на крајот на јануари 2018.