Грифин Раме си заминува од КК Куманово

Сподели со своите пријатели

Американецот Грифин Раме до крајот на месецов ќе го напушти Кошаркарскиот клуб Куманово. Како причина за ваквата одлука се недоразбирањата кои настанале со Управата на клубот.

Информацијата за Кумановски Муабети ја потврди и самиот кошаркар, кој вели дека сака да остане во Куманово, но не по секоја цена.

– Јас не сакам да менувам клубови во средина на сезона, убаво ми е тука, но наидовме на одредени недоразбирања и мислам дека е најдобро договорот кој што го имам со Куманово за до крајот на сезоната да го раскинеме спогодбено во интерес на двете страни, изјави Грифин за Кумановски Муабети.

 

Loading...

 

Како што посочи, веќе е во активни преговори за негов трансфер во нов клуб на полусезоната кон крајот на оваа година, но засега не сакаше да открива детали.

– Да во активни преговори сум, но засега не би откривал повеќе детали додека не донесам конечна одлука. Би сакал да останам да играм за некој клуб на Балканот, додава Раме.

 

 

Информацијата ја потврдија и од Управата на КК Куманово, од каде велат дека договорот ќе биде раскинат спогодбено, а платата која доцни како и на останатите ќе му биде исплатена и на американскиот кошаркар.

– Фокусирани сме целосно кон домашните играчи и шанса ќе дадеме на македонски млади кошаркари, вели спортскиот директор на клубот Дарко Петковски.

 

Loading...

 

Една од причините за ваквиот развој на настаните најверојатно се и финансиските проблеми со кои се соочува клубот, откако новата локална самоуправа го скрати финансирањето за 50 отсто. Претходно поради намалување на трошоците клубот спогодбено се откажа и од своето учество во БИБЛ лигата, но во меѓувреме се засили со двајца домашни кошаркари Адем Мекиќ и Бобан Стајиќ.