Утре ќе се одржи третата седница на Советот на Општина Куманово

Сподели со своите пријатели

Членовите на Советот на Општина Куманово утре на третата седница ќе расправаат по вкупно 15 точки на дневниот ред.

Меѓу точките ќе се разгледуваат финансиските извештаи на јавните претпријатија од градот, но и ќе се крои дел од програмата за следната година.

Пред советниците ќе се најдат тримесечните извештаи за финасиско работење на ЈП „Водовод“ за период април – јуни и јули-септември, како и извештајот за деловното финансиско работење на ЈП „Чистота и зеленило“ за период април – јуни 2017 година.

Советиците ќе расправаат и за информација за запишување на училишните обврзници во прво одделение во општинските основни училишта и актуелни состојби во основното образование во Општина Куманово во учебната 2017/2018 година, а во дневниот ред ќе се најде и Предлог – одлука за дополнување на Одлуката за давање согласност за формирање на паралелки со под 24 ученици и комбинирани паралелки во општинските основни училишта во тековната учебна година.

Од областа на воспитно-образовната дејност во дневниот ред ќе биде презентирана и информација за запишување на ученици во I – ва година и состојби на средните училишта и Општинскиот училишен дом „Професор Мијалковиќ“.

Од финансискиот дел ќе биде презентирана информацијата за остварување на приходи по основ на даноци и такси за период од почетокот на годината заклучно со 2017 година.

Расправа советниците ќе треба да водат и по однос на Предлог – одлука за утврдување на висина на надоместок за покривање на трошоците за користење на мобилен телефон на членовите на Советот, како и за давање согласност за обезбедени финансиски средства од Буџетот на Општината Куманово за 2017 година за преземање на еден административен службеник.

Меѓу предлог одлуките ќе се најде и изменување на  Одлуката за определување на имиња на улици со нумерација на објекти во населено место Гладно Поље, за изменување и дополнување на Одлуката за утврдување на стандарди за поставување на времени објекти и урбана опрема на подрачјето на општината, а воедно ќе се расправа и гласа по предлог планот на програми за развој на Општина Куманово за 2018 година.

Уште две предлог програми кои ќе се однесуваат на следната година се наоѓаат во дневниот ред, меѓу кои за уредување на градежно земјиште, изградба и одржување на комунална инфраструктура, како и за изградба, реконструкција, одржување и заштита на локалните патишта и улици.

Седницата се одржи во Кружната сала на поранешен Комитет со почеток во 10 часот, а интегрално истата можете да ја следите на Телевизија „Плус“.