Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска ги прими Шрини Гопалан, член на Управниот одбор на Дојче Телеком за Европа и главниот извршен директор на Македонски Телеком Андреас Елснер.
Од владината прес-служба соопштија дека на состанокот присуствувале и генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, и владиниот претставник во Собранието на акционери на Македонски Телеком – АД Скопје и Горан Трајановски, член на Одборот на директори и кандидат на Владата на РМ за главен оперативен директор на Друштвото.
Премиерот Заев информирал дека Владата на Република Македонија интензивно работи на воспоставување на стабилна бизнис и инвестициона клима којашто ќе ја гарантира сигурноста и стабилноста на странските инвестиции.
– На нашата земја и е потребен пораст на домашниот бруто производ поголем од пет проценти и тоа можеме да го постигнеме само со охрабрување на компаниите да инвестираат и да отвораат нови работни места, за да се подобри животот на граѓаните во секој сегмент“, рекол премиерот Заев, оценувајќи дека Дојче Телеком е многу важен инвеститор во Република Македонија, со кого треба искрено да се соработува и да се гради професионален однос.
На средбата, претставниците на обете страни посочиле дека соработката во областа на телекомуникациите во иднина ќе се интензивира и дека во земјата се чувствуваат услови и подобрена бизнис клима како важен предуслов за ваков тип на соработка.
Состанокот бил искористен и за разговори во врска со идните перспективи за дигитализација на Република Македонија, е-Влада, е-здравство, е-администрација и воведувањето на апликации и активности во проекти како „паметни градови“, „паметно осветлување“, „паметно паркирање“, и во проекти што го олеснуваат животот на граѓаните за побрзо доаѓање до документи, известувања и друго.
На крајот било заклучено дека Македонија располага со значајни технички и човечки капацитети и постојат услови за воведување на најновите телекомуникациски трендови и остварување на современите потреби на граѓаните.
Извор: МИА
Loading...