Акција за расчистување на дивата депонија на влезот од населбата Перо Чичо

Сподели со своите пријатели

Општина Куманово во соработка со јавните претпријатија „Чистота и Зеленило“ и „Водовод“ и инспекциските служби денеска организираше акција за расчистување на дивата депонија лоцирана на влезот на населбата „ Перо Чичо“.

 

 

Екипите на претпријатијата машински и рачно ја чистат депонијата од натрупаниот комунален смет и градежен шут. Во акцијата, информираше градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски, ќе бидат изнесени 300 илјади кубни метри смет.

 

 

Ова е втора акција во период од три месеци за расчистување на ова депонија.

– Ваквите акции ќе продолжат на територија на целиот град, но сакам да ја искористам оваа можност и да апелирам до сите граѓани на општината да внимаваат каде го изнесуваат сметот, градежниот шут и да не создаваат диви депонии. Во иднина нема да толерираме вакво несовесно и неодговорно однесување на граѓаните, туку инспекциските служби ќе работат асилено на терен, а ќе апелираме и до Министерството за внатрешни работи да се вклучи во заедничка акција се со единствена цел да создадеме поубави услови за живеење и да имаме убав уреден и чист град, изјави Димитриевски.

Тој побара максимално одговорно однесување од граѓаните и рече дека и да се вклучат сите вработени од претпријатијата нема да можат да го исчистат градот од количината на смет која ја фрлаат несовесните кумановци. Димитриевски изјави дека дел од граѓаните се однесуваат крајно неодговорно и дека фрлаат смет и пред верски објекти. Како пример ја посочи дивата депонија која се создава непосредно пред црквата „ Архангел Михаил“ во населбата „Карпош“.

 

 

Казната за фрлање смет е 50 евра. Акциите за расчистување на депониите ќе продолжат и на други локации во Куманово.

 

Текст: МИА