Николовски на годишен состанок на министрите за земјоделство на ЈИЕ во Јахорина

Сподели со своите пријатели

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, од денеска во Јахорина, Босна и Херцеговина, ќе учествува на Единаесеттиот годишен работен состанок на министрите за земјоделство од Југоисточна Европа.

Годинава, состанокот е во организација на Владата на Босна и Херцеговина, како земја претседавач со Постојаната работна група за регионален рурален развој во земјите од Југоисточна Европа–SWG.

Како што информираат од МЗШВ, министрите за земјоделство од ЈИЕ и шефовите на делегациите ќе се соберат во Јахорина за да разговараат за иднината во секторите за земјоделство и рурален развој во регионот на ЈИЕ и да го елаборираат процесот на регионална соработка во тие области.

Во рамки на министерскиот состанок во Јахорина, ќе се разговара и за значењето на процесот на интеграција во Европската унија на земјите од Западен Балкан, како фактор на напредокот во земјоделството и руралниот развој.

Министерот Николовски на состанокот ќе ги презентира стратешките цели на Владата во областа на земјоделството и руралниот развој, како и состојбата со искористувањето на финансиските средства од ИПАРД Програмата.

Следната година претседавач со Постојаната работна група за регионален рурален развој во земјите од Југоисточна Европа ќе биде Македонија.

Извор: МИА