Заев: За нас приоритет е почеток на преговорите со ЕУ

Сподели со своите пријатели

Предизвиците што произлегуваат од мигрантската криза и одржување на пријателството меѓу двете земји беа теми на попладневната средба на премиерот Зоран Заев со мандатарот на австриската влада и министер за надворешни работи Себастијан Курц.

Како што соопштија учесниците по средбата, Заев го информирал Курц за напредокот во реализацијата на реформскиот план 3-6-9, за што се согласиле дека оди во вистинска насока.

Во однос на заедничкиот предвизик од мигрантската криза, премиерот Заев го уверил Курц дека „Македонија останува посветен и кредибилен партнер на ЕУ во справувањето со предизвиците што ги отвори мигрантската криза”. Токму затоа серијата мерки во делот на миграциите се на врвот на приоритети на реформскиот план, истакнал Заев.

Оваа средба е на маргините на Виенскиот економски форум каде премиерот Заев и вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев беа учесници.

Заев на Форумот зборуваше на тркалезната маса на тема „Регионалната соработка како дел од европската интеграција” која годинава е под мотото „Каде економијата се среќава со политиката”. Најголем приоритет за нас како влада е да го започнеме процесот на преговори со ЕУ во 2018 година, изјави премиерот на тркалезната маса. Тој ја поздрави иницијативата за размена на идеи за регионалната соработка. Исто така, ги претстави првите чекори на неговата влада под мотото „Живот за сите”.

– Убеден сум дека можеме да изградиме фер и еднакво општество за сите, со стабилна и транспарентна економија. Ние сме влада која што е кредибилен партнер на бизнисите. Промовиравме план за економски раст кој е наменет за креирање поволна бизнис клима и мерки кои ќе го зголемат зголемат животниот стандард на граѓаните, рече Заев.

Вицепремиерот Анѓушев зборуваше на претпладневната пленарна сесија на тема „Дигитална на економија и општество – очекувања и реалност”. Тој истакна дека во Македонија цената на трудот е ниска, но исто така е и продуктивноста.

– Ниската продуктивност е проблем во Западниот Балкан, кој може да се надмине единствено со дигитализација на компаниите. Ние како мала економија треба да се ориентираме кон извозот, кој пак бара зголемување на конкурентноста. Затоа ние силно ги охрабруваме и поддржуваме компаниите во процесот на дигитализација, за да станат конкурентни на меѓународниот пазар, истакна Анѓушев.

Средбата на Заев со Курц во Виена е значајна во однос на позиционирањето на двете земји кон продолжување на соработката и партнерството по политичките промени.

Курц минатата недела ги започна преговорите со екстремно десничарската Слободарска партија, која многу извесно ќе стане коалициски партнер на Народната партија чиј лидер е тој.
Досега, неговата партија беше во долгогодишно коалициско партнерство со Социјалистичката партија на Австрија, но расколот настана откако на ланските претседателски избори, јавноста даде “црвен картон” на таа коалиција, со тоа што не гласаше за ниту еден од предложените кандидати на двете партии. Курц од таа криза излезе победник затоа што му успеа во кампањата да ја убеди јавноста дека тој како нов лидер е ново лице на партијата и ќе донесе промени. Победи убедливо.

Во македонската јавност Курц важеше за поддржувач на ВМРО-ДПМНЕ откако на ланските предвремени избори се појави на предизборниот митинг на оваа партија во Скопје. Сепак, коментарите на овдешните аналитичари се дека неговата поддршка на сестринската партија не треба да се гледа во светло на поддршка на политиките на партиите, туку негов првенствен интерес беше мигрантската криза, чие ефикасно решевање, според овдешниот печат, практично му донесе најголеми поени во победата.

На стартот на минатонеделниот почеток на преговорите со Слободарската партија, Курц јасно се позиционираше со изјавата дека е за колаиција која ќе понуди “јасна про-европска ориентација”. Исто така тој изјави дека на Австрија заслужува да добие стабилна влада која ќе се формира брзо.

Извесниот коалициски партнер, Слободарската партија чиј лидер е Ханс Кристијан Штрахе, на ланските претседатеслки избори настапи со изразена анти ЕУ реторика, но на актуелните парламентарни избори на кои се позиционираше на третото место со освоени 26 отсто од гласовите, значително ја омекна. Двете десничарски партии пак беа усогласени во ставот дека “Исламот не и потребен на Австрија”, нешто кое ќе биде предизвик во наредниот период за ЕУ, во насока на вредностите кои ги штити како заштита на човековите права и еднаквост.

Според најавите, формирањето на новата влада се очекува да заврши до католички Божиќ. Кога ќе биде избран за канцелар, 31 годишниот Курц ќе стане најмлад претседател на влада во светот.

Извор: МИА

Loading...