Министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска оствари средба со рабинот Ендрју Бејкер, директор за меѓународни односи на Американскиот еврејски комитет од Вашингтон, кој е и личен претставник на Претседавачот на ОБСЕ задолжен за борба против анти-семитизмот и претседавач со Меѓународниот консултативен одбор на Фондот на Холокаустот на Евреите од Македонија, со Раду Јоанид, директор за меѓународни архивски програми во Меморијалниот Музеј на Холокаустот на САД и со Горан Садикаријо, директор на Меморијалниот центар на Холокаустот на Евреите од Македонија.
Како што соопшти МНР, министерот Димитров и рабинот Бејкер разговараа за активностите кои што Република Македонија ги презема во насока на негување на сеќавањата на Евреите од Македонија – жртви од Холокаустот. Во тој контекст, се посочува, посебен акцент беше ставен на претстојните активности по повод организацијата на комеморацијата на 75 – годишнината од депортацијата на Евреите од Македонија во март 2018 година.
– Како претседавач со Меѓународниот консултативен одбор на Фондот на Холокаустот на Евреите од Македонија, рабинот Бејкер изрази очекување за засилена соработка со Владата на Република Македонија во насока на натамошно етаблирање и афирмирање на Меморијалниот центар на Холокаустот на Евреите од Македонија на регионален и меѓународен план, како и за подигнување на севкупната репутација на нашата земја. Подвлече дека на полето на образованието и сеќавањето на Холокаустот, Република Македонија прави повеќе од многу други земји, се наведува во соопштението.
На средбата се разговарало и за ангажманот и соработката на Република Македонија со Меѓународната алијанса за сеќавање на Холокаустот (ИХРА), при што било поздравено усвојувањето на работната дефиниција за анти-семитизмот од страна на ИХРА, како и неодамнешната резолуција на Европскиот парламент со која земјите-членки на ЕУ се охрабруваат да ја усвојат во своите национални законодавства.
Извор: МИА

