Граѓаните на Куманово од денеска па секој следен четврток ќе имаат можност да се сретнат со градоначалникот на општината, Максим Димитриевски и со него да поразговараат за сите проблеми и барања под надлежност на локалната самоуправа.

Од барања за еднократна парична помош, до проблеми со инфраструктурата, граѓаните денеска од 10 до 14 часот имаа можност да се сретнат со градоначалникот. Како што вели Димитриевски тој е отворен за сите идеи и согледувања од страна на кумановци.
– Во најголем дел се сведуваат барања за еднократна парична помош од страна на социјалните случаи и барања за вработување на лица, членови на семејството. Мора да бидам искрен, општината како институција не може во овој момент многу да помогне бидејќи рековме ќе се посветиме на фактот заедно со Владата на Република Македонија да се обидеме да го кренеме стопанството во нашата општина, но благодарен сум и на сите барања и согледувања кои се однесуваат во делот на инфраструктурата во градот и други проблеми кои ги засегаат граѓаните, голем број идеи, за промоција, изработка на каталози, рекламирање на општината, иницијативи од граѓански здруженија за културни манфиестации и нови културни настани во градот и првенствено сакам да ја искористам оваа прилика да се заблагодарам за огромниот одзив на граѓаните. Се надевам дека заедно во идниот период ќе го направиме Куманово добро место за живеење за сите, рече Димитриевски.


