ВМРО – ДПМНЕ вечерва на првата прес-конференција оцени дека изборниот ден поминал со бројни нерегуларности и кршење на Изборниот законик.
Никола Србов, член на Извршниот комитет на партијата обвини дека се узурпурале државни ресурси, се вршел притисок, се поткупувале гласачи и граѓани организирано се превезувале на гласачки места.
Србов посочи дека во Охрид се појавиле гласачки ливчиња од општина Карпош, а полициски џипови, како што кажа, со членови и симпатизери на СДСМ кружеле низ повеќе градови.
– Треба само да бидеме среќни што немаше нови жртви и повредени, рече Србов и додаде дека во текот на денот пристигнале извештаи за насилни инциденти.
За сите нерегуларности, како што рече, се изготвени записници и се информирани меѓународните преставници.
– Во моментов почнуваат да пристигнуваат резултатите од избирачките места кои ќе бидат соопштени откако ќе бидат сумирани, рече Србов, додавајќи дека има голем број на општини во кој води ВМРО-ДПМНЕ.
Пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ е невообичаено мирно и скоро да нема луѓе, а мирно е и во прес-центарот каде има голем број на новинари, но не и претставници на партијата.
Избор: МИА
