Непречено се одвива гласањето на локалните избори на подрачјето на Општина Куманово, вели заменик Народниот правобранител, Насер Весели.
Како што изјави Весели, проблеми имало од техничка природа со дел од УВ лампите, но тие бргу биле сменети и гласањето се одвива непрекинато.
Едно лице од селото Враготурце, Старо Нагоричане пријавило дека неколку лица ги немало на избирачкиот список, меѓу кои и неговиот 19-годишен син.
– После 13 часот ни се јави граѓанин од Враготурце, Старо Нагоричане, наводно по негова изјава неколку граѓани, малку ми беше чудно, неколку граѓани тоа е мало место, не се во избирачкиот список, а и неговиот син, 19-годишен син не е во избирачкиот список и прашување дали може да гласа по лична карта, му објаснивме дека по закон не може. Други немаме јас овде бев во ОИК, слични проблеми ако може да се нарекуваат проблеми, лампата технички, пред да дојдам тука разговарав со претставник на ОИК Липково, досега нема, вели Весели.

Во однос на изјавите од Здружението „Инклузива“, дека слепите и лицата со оштетен вид не можеле да гласаат, заменик Народниот правобранител вели дека сега е веќе доцна, но мора да се размислува за во иднина, бидејќи тоа е повреда на избирачкото право.
– Тоа е прекршување на правото, меѓутоа ништо не може да се направи сега, бидејќи е доцна, не може да се доставуваат такви материјали, во иднина треба да размислуваме сите, бидејќи тоа е веќе повреда на правото на лицето. Слепите имаат право, мое мислење е дека е несоодветно, да им помогне некој, сепак тоа веќе дали е тајно гласање или не е е знак прашање, изјави Весели.
Дека гласањето се одвива непречено велат и од Општинската изборна комисија Куманово од каде очекуваат поголема масовност во попладневните часови.
– Досегашниот тек на гласањето , немаше никакви проблеми, можеби имало некакви ситни проблеми но тие се надминати, излезеноста претпладне беше помала, сега почнаа повеќе луѓе да излегуваат. Сега попладне повеќе ќе излезат на гласање. До сега немаше никакви проблеми, немаше ниту за време на предизборната кампања , нашата општина е за пример, кај нас не верувам дека ќе има проблеми, до крајот на процесот на гласање мислам дека нема да има проблеми, изјави Ајрула Ќерими, заменик претседател на ОИК Куманово.


