Управниот суд ја укина блокадата на сметките на ЈП „Чистота и зеленило“ (видео)

Сподели со своите пријатели

По долгата институционална борба, Управниот суд ја укината блокадата која Управата за јавни приходи ја имаше изречено за Јавното претпријатие „Чистота и зеленило“ поради долг на ДДВ во период од 2002 до 2006 година.

Со тоа, претходно дадениот хипотекарен залог за долгот, односно комерцијалниот објект на Затворениот градски базен наскоро би можел да се врати во граѓанска сопственост, а УЈП и јавното претпријатие, како што вели градоначалникот Зоран Дамјановски, треба да седнат и да изнајдат заедничко прифатливо решение за исплата на регуларниот долг.

– Во решението стои дека над 30 милиони се надминати вредности на блокада, односно решение за извршување. Ова решение ја поништува тоа претходно решение, со што позицијата се враќа на првобитна состојба каде управата и јавното претпријатие ќе пристапат на заедничко задоволство и разбирање да дојдеме до реална сума, корекција на тој долг и од тука натаму да влеземе во некој договор со кој ќе можеме регуларно да ги испраќаме тие рати. Со оваа решение најверојатно со понатамошна управна постапка, ако треба и со судски процес ќе дојдеме до тоа да биде поништен записот за комерцијалниот центар на затворениот базен како хипотекарен долг, со што се враќа она што им припаѓа на граѓаните – изјави Дамјановски.

Како што потенцираше директорот на Јавното претпријатие „Чистота и зеленило“, Сашо Петрушевски, долгот кој по првичниот договор треба да биде исплаќан со репрограмирање без камата до 2023 година, можел и ќе биде исплатен кон УЈП.

– Сега ни следат разговори со УЈП, мислам дека ќе излезат во пресрет, мислам дека сите оние работи кои се неправилност ќе ги исправат, со тоа што ние како јавно претпријатие не бегаме од долгот, ќе го исплатиме, ќе бараме да се вратиме до репрограмот, кој е до 2023 година без камата. Сигурно дека се она што било неправилност ќе се исправи и се она што било долг кон УЈП ќе се исплати. Оваа пресуда е првична пресуда каде во разговори со УЈП, со сите институции надлежни за оваа работа, ќе се исправат грешките и јавното претпријатие ќе може да работи, се она што беше притисок ќе се тргне и јавното претпријатие може да го исплати долгот до 2023 година, без камата и ќе тежнееме кон тоа, ратите кои ќе ни бидат овозможени да бидат исплатени навремено, вели Петрушевски.

Инаку, Управата за јавни приходи на 23 февруари годинава започна спор за присилна наплата на долг врз основа на ДДВ од подолг период, во износ од 58,8 милиони денари, по што беа блокирани сметките на комуланото претпријатие, а со тоа беше парализирано и работењето на повеќе други институции во градот.

Како потврда дека долгот ќе биде исплатен, Советот на Општина Куманово донесе одлука под залог да ги стави комерцијалниот дел од Затворениот базен и парастас салата.Во меѓувреме, менаџментот на претприајтието поднесе тужба до Управниот суд, кој денеска со решение ја укинува блокадата.

 

 

Сега преостанува УЈП да се договори со ЈП „Чистота и зеленило“ долгот да се исплаќа со репрограмирање или може да поднесе жалба до Врховниот суд.