Рано утринава од страна на овластени службени лица при Секторот за внатрешни работи Куманово по претходна наредба од 16.05.2017 година на Основно Јавно Обвинителство Скопје во врска со настаните од 27.04.2017 година во Собранието на Република Македонија е приведено лицето И.Ј. (47) од Куманово поради основано сомневање за сторено кривично дело „Учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие“ казниво по чл.384 ст.1 од КЗ на РМ, информираат од Министерството за внатрешни работи.
За истото лице постои централен распис од СВР Скопје – Оддел за насилен криминал за основано сомневање за сторено кривично дело „Учество во толпа што ќе изврши кривично дело“ казниво по чл.385 од КЗ на Република Македонија, како и локален распис од СВР Скопје-НККР Бит Пазар година за основано сомневање за сторено КД „Разбојништво“ казниво по чл. 237 од КЗ на РМ.
Игор Југ беше дел од крвавите настани во Собранието кога беа повредени неколку пратеници. Кумановецот беше дел од толпата и тоа е забележано на снимките на медиумите, меѓутоа не посегна врз никој, иако српскиот разузнавач Живаљевиќ го обвини дека влегол во законодавниот дом со намера да го убие сегашниот премиер Зоран Заев. Југ категорично ги отфрли овие обвинувања со став дека од него сакаат да направат жртвено јагне.