Со паушални и несфатливи коснтатации СДСМ и коалициските партнери во Советот на Општина Куманово ја отфрлија иницијативата граѓаните да одлучат на референдум дали се за населување и интеграција на бегалци на подрачјето на општината, вели денеска претседателот на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Петковски.
Прес конференцијата ја пренесуваме интегрално:
Советничката група на коалицијата “За подобра Македонија”, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, на вчерашната седница на Советот предложи како точка на дневен ред да биде ставено донесувањето на одлука за распишување на референдум преку кој граѓаните ќе се изјаснат дали се за населување и интеграција на мигранти на територија на општина Куманово. И покрај нашата аргументација за оваа иницијатива мнозинството советници на седницата, предводено од СДС и неговите коалициони партнери, со крајно паушални и несфатливи констатации истата ја отфрли.
Со ова отфрлање директно, граѓаните на Куманово беа спречени самите да одлучуваат за судбината на својот град и за иднината на своите деца.
Би сакале уште еднаш да истакнеме дека јавноста мора да биде запозната со Стратегијата за интеграција на бегалци и странци и Националниот акционен план за стратегијата, преку кои се создава правна рамка за трајно населување на огромен број на мигранти на целата територија на Република Македонија. Очигледно советниците од владеачката коалиција се единствените кои не гледаат со каква опасност се соочува Куманово. Неодговорното и антидржавно однесување на Владата директно ја загрозува иднината на државата, а за СДС во Куманово претставува прифатлива политика со која за жал трајно ќе се дестабилизира Република Македонија. Ги повикуваме советниците од СДС и од другите политички партии во Советот, а и оние кои немаа свои советници, да завземат јасна и недвосмислена позиција против “Стратегијата”, која предвидува демографско и културолошко преобликување на државата, во која нема да можат да се воспостават никакви интегративни механизми, туку ќе бидеме само неми сведоци на хаосот без крај.
Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата “За подобра Македонија” ќе продолжи со борбата против сите аранжмани од страна на актуелната локална и централна власт кои ќе бидат на штета на националните интереси и директно ќе го загрозуваат мирот и стабилноста на нашиот град, а со тоа и нашата држава. Граѓаните се свесни за политичката состојба во која се наоѓаме, но и за сите претходни случувања во кои секогаш Куманово излегуваше како поразена страна. Затоа на 15-ти октомври длабоко сме убедени дека граѓаните ќе ја донесат вистинската одлука за судбината на Куманово и на Република Македонија – вели Петковски.

