Кога претседателот ќе нареди: Сите разведени ќе мора да се помират

Сподели со своите пријатели

Скоро 1.000 разведени парови во Чеченија се присилени да се помират, откако лидерот на таа земја, Рамзан Кадиров разводите ги означи како причина за големи социјални проблеми.

Државната телевизија објавила дека 948 разведени парови повторно мора да бидат споени откако Кадиров наредил стриктно спроведување на програмата за семејно помирување. Кадиров оваа програма ја започнал во јуни, наведувајќи дека децата кои ги подигаат родителите во брачна заедница се помалку подложни на тероризам.

Мораме да ги освестиме луѓето, да им кажеме и да им објасниме. Мораме да ги вратиме жените кои ги напуштиле своите мажи и повторно да ги споиме. Тоа ни е приоритет – рекол Кадиров.

Растам Абазов, директор на Одделението за односи со религија и социјални центри рекол дека разведените сопружници биле повикани одвоено да се придружат во програмата во која најпрвин се состануваат со верските лидери, кои ги наговоруваат да се вратат на своите партнери. Како навел програмата е детално развиена од Кадиров и нема проблеми во нејзиното спроведување.

Би сакал да истакнам дека ниту една земја во светот никогаш немала ваква програма. ова е нешто ново во историјата – вели Абазов.

Телевизијата „Грозни“ јавува дека до сега биле организирани над 4.000 настани во рамките на оваа програма и тврди дека граѓаните ја поддржале иницијативата на Кадиров.

Но не сите се воодушевени. Одредени жени изјавиле дека се вратиле на своите мажи иако се убедени дека нивниот брак нема да успее во вториот обид. Некои велат дека се вратиле поради децата, пренесува „Индепендент“ повикувајќи се на локалните медиуми.