Денеска се спроведува вториот уписен рок во средните училишта

Сподели со своите пријатели

Во средните училишта во Република Македонија денеска се спроведува второто пријвување во јунскиот уписен рок за прва година во учебната 2017/2018 година, а слободни се вкупно 24.529 места, иако според Министерството за образование и наука во одредени училишта местата се скоро целосно потполнети веќе во првиот уписен рок, пред се во гимназиите и медицинските училишта.

За настава на македонски јазик во второто пријавување има вкупно 16.118 слободни места, за албански наставен јазик 7.455, за турски наставен јазик има 819, за српски наставен јазик слободни се 34 места и 103 слободни места за повторувачи.

Според видот на образование, во гимназиите има 6.171 слободни места (3.504 за ученици на македонски наставен јазик; 2.215 за ученици на албански наставен јазик; 344 за ученици на турски наставен јазик; 34 за ученици на српски наставен јазик и 74 за повторувачи), во стручно образование има 18.252 слободни места (12.554 за ученици на македонски наставен јазик; 5.204 за ученици на албански наставен јазик; 475 за ученици на турски наставен јазик и 19 за повторувачи). Во спортската гимназија слободни се 106 места од кои 60 се за ученици на македонски наставен јазик, 36 за ученици на албански наставен јазик и 10 за повторувачи.

Од уписот кој се одржа во првиот рок пријавени биле 17.179 ученици, од кои примени биле 11.205. Оние кои ќе се запишат во вториот круг, односно денеска, резултатите ќе ги дознаат веќе утре.

Учениците кои нема да го поминат и второто пријавување, имаат можност тоа да го направат во третиот уписен рок, на 24 август, но само во оние училишта кои до крајот на месец август нема да ги пополнат местата ќе имаат можност да примат нови.

Средното образование е задолжително со закон од учебната 2008/2009 година, а новитет годинава е што во гимназиите наместо избор на насока на крајот на втора година, тоа учениците ќе мора да го сторат при самиот упис.

 

Loading...