Пафта – најдобар сувенир на Општина Куманово

Сподели со своите пријатели

Пафта од коланот на кумановска носија е избран за најдобар сувенир на Куманово, на конкурсот за избор на најдобар сувенир кој го распиша општината.

Креацијата е изработена од компанијата „Сигнум“ која се покажа како најкреативна во конкуренција на шест автори со осум експонати.

Целта на овој конкурс, како што потенцираше Зоран Павловски, претседател на општинската комисија, е да се потикне развојот на креативното занаетчиство во градот и преку сувенирите да се промовира традицијата и културата на Куманово.

Се работи за сувенир кој е изработен од керамо-пластика со познати филигрански мотиви, она што е традиционална носија од кумановските краеви каде филигранот датира уште од пред 2.000 години и ние навистина сме задоволни од изборот и од квалитетот на самиот сувенир. Тука нема да завршиме за следната година повторно ќе распишеме конкурс со цел да ги мотивираме и другите креативни занаетчии или оние кои можат да направат автентичен сувенир за Куманово и со тоа да ја збогатиме и туристичката понуда во Куманово, а воедно и да го поттикнеме самото креативно занаетчиство – изјави Павловски.

Компанијата треба да изработи 16 примероци за кои Општина Куманово ќе плати 30.000 денари, а истите ќе ги користи како подароци на делегации од збратимените градови или странските амбасадори, а изработена е и брошура за развој на локалниот туризам.

Во самата програма за развој на туризам и за зголемување на бројот на туристите во Општина Куманово беше предвидена и брошурата „Visit Kumanovo“ исто таа е испечатена во 350 примероци на англиски јазик и флаерот околу 1.000 примероци и ќе ни послужат за туристичките вредности и потенцијали на Куманово. За оваа намена беа издвоени 40.000 денари што беше проект од Министерството за економија, аплициравме ги добивме овие средства, така да ова е краен продукт – додави Павловски.

На конкурсот за избор на најдобра фотографија на град Куманово пристигнале шест пријави, а до крајот на јули ќе бидат познати добитниците на трите први места за кои следуваат и парични награди.