ВМРО-ДПМНЕ со обвинувања до Дамјановски за израдбата на нова петкатница во градот (фото)

Сподели со своите пријатели

Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на прес конференција денеска упати критика до градоначалникот на Општина Куманово, Зоран Дамјановски дека во непосредна близина на Ургентниот центар одобрил изградба на петкатница, а дека изработката на урбанистичкиот план била доверена на фирма во сопственост син на општински градежен иснепктор, а градежната парцела била во сопственост на неколку фирми тесно поврзани со претседателот на Комисијата за урбанизам.

Прес конференцијата ви ја пренесуваме интегрално:

Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ со години укажува и алармира за недоследностите во работата и аномалиите во функционирањето на локалната власт. Градоначалникот и администрацијата, немајќи ја способноста за менаџирање на општината, наместо навремени и квалитетни решенија, нудеа празни изговори и наместо јавниот интерес, продолжуваат да го штитат личниот и интересот на најблиските соработници.

Во непосредната близина на Ургентниот центар, на парцелите зад нас, на површина од 1347 метри квадратни, администрацијата на Дамјановски предлага изградба на петкатница којашто со импозантната површина за градење, од нешто повеќе од 900 метри квадратни и максималната висина од приближно 20 метри, треба да му парира на новиот здравствен објект.

Изработката на Деталниот урбанистички план му е доверена на Друштвото ТАЈФА АРХИТЕКТИ ДООЕЛ Куманово, во сопственост и управувано од м-р Стефан Лазаревски, син на раководителката на Секторот за инспекциски надзор, госпоѓа Вера Лазаревска. Јавно достапните информации укажуваат дека најголем дел од градежната парцела во формирање, од неодамна, е во сопственост на правните лица ТОП ДРАЈВЕР ДООЕЛ Куманово и ТОП-АУТО ФЕР ДОО Куманово, тесно поврзани, односно во сопственост на советникот Фериз Дервиши, истовремено и претседател на Комисијата за урбанизам при општинскиот совет.

Со оглед дека со Предлог-Деталниот урбанистички план, неколкукратно се зголемува вредноста на ова градежно земјиште и се овозможува вртоглав профит на правните лица прашуваме:

  1. Дали било нужно изработката на ДУП-от да му се додели на синот на раководителката на Инспекторатот при општината?

  2. Колку оваа „работа од доверба“ ќе ја гарантира непристрасноста на овластениот инспектор при евентуалниот надзор на изработката на планот?

  3. По чија наредба се прекројува дел од паркинг-просторот и дворното место на веќе постоечки објект за да се овозможи директен влез на петкатницата и од улицата „11-ти Октомври“, дополнително на влезот од спроти Ургентниот центар?

  4. Дали изоставувањето на новопланирана сообраќајница за пристап на повеќето објекти од планскиот опфат до секундарната сообраќајна мрежа е направено за да се зголеми површината на петкатницата и профитот на инвеститорот ?

  5. Дали решавањето на пристапите на веќе постоечките објекти преку улицата „11-ти Октомври“ е законски основано и како ова решение ќе влијае врз животната микросредина ?

  6. Дали советникот Дервиши, од позиција на претседател на Комисијата за урбанизам, ги запазил прописите за спречување на судир на интереси при одлучувањето, поради очигледноста на приватниот интерес?

Почитувани граѓани,

Екипата на Дамјановски, нечесно и на мала врата одработува за сопствениот интерес.

За чист профит на Дервиши, тајфата без скрупули, а под изговор на планските одредби со сомнителна законска основа, ќе создаде уште едно тесно сообраќајно грло коешто најмногу ќе им наштети и на итната медицинска помош и на противпожарната единица. За нив и секундите се важни. Очигледно е дека како резултат на урбанистичките егзибиции на локалната власт, просторот за граѓаните сè повеќе го снемува, а дејствувањето на виталните служби се отежнува.

Ова ли е граѓанскиот концепт којшто градоначалникот и СДС го промовираат? Факт е дека ваквото безобзирно уредување, на крајот ќе ги обедини сите граѓани против тајфата на профитери, која со години манипулира со нив за да ги надополни приватните салда и некотролирано да се збогати – вели Срѓан Ивановски портпарол на ВМРО-ДПМНЕ ОК Куманово.