„Во Собранието може да влезам само како пратеник, но не како насилник“ – ова денеска го изјави совеникот од Општина Куманово, Тони Трајковски кој ги негираше објавите по дел од медиумите дека учествувал во насилствата во Собранието, а кривична пријава заработи и од Министерството за внатрешни работи.
Категорично тврдам дека вечерта на 27ми април, не нападнав физички никого од присутните, ниту пак организирав напад врз претениците во Собранието на Република Македонија. Би сакал тука да истакнам дека протестите уште од првиот ден се одвиваат мирно, без никакви форми на насилство, што е за поздравување и е одлика на демократската зрелост и трпение на граѓаните. Оваа пријава против мене претставува класична конструкција за мое лично дискредитирање, бидејќи уште од самиот почеток сум препознаен како граѓанин кој безрезервно ги поддржува протестите на иницијативата „За заедничка Македонија“ – рече Трајковски на денешната прес конференција.
Трајковски вели дека бил на протестите, но ниту влегол во законодавниот дом ниту пак имал намера некого да нападне.
Пред Собранието бев, но луѓето кои вршеле идентификација или препознавање па нека одат на очен лекар да си ја проверат диоптријата, и покрај онаа софистицирана опрема која ја има Министерството за внатрешни работи, јас како се најдов внатре немам претстава. Бев лишен од слобода во Куманово, со службено возило однесен во полициската станица Кисела Вода, каде бев сослушан и пуштен на слобода – додаде Трајковски.

