Дел од Затворениот базен и парастас салата под залог за долгот на „Чистота и зеленило“

Сподели со своите пријатели

Дел од Затворениот градски базен и парастас салата ќе одат под залог како гаранција дека Јавното претпријатие „Чистота и зеленило“ ќе го исплати долгот кон Управата за јавни приходи во износ од 64 милиони денари, а кој настанал пред 15 години како резултат на камата на ДДВ.

На предлог на администрацијата точката за залог беше предложена на 64та седница на Советот на Општина Куманово, а со образложение дека само така УЈП ќе прифати деблокада на сметката и нормализирање на работата на јавното претпријатие.

Многу јасно кажав и во одлуката убаво е прецизирано дека општина Куманово го става во залог делот кој не е од јавен интерес, а тоа се апартманите и терасата горе што е во карабина со придружни простории, се она што е од јавен интерес не може општината да го стави под залог, така да базенот не е ставен под залог – рече Валентина Алексовска, секретар на Општина Куманово.

Во донесувањето на истата не учествуваа советниците од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ кои бараа точката да биде одложена.

Како советничка група и понатаму остануваме на ставот дека не сме спремни на денешнава седница да донесеме одлука и да дискутираме за давање под хипотека на зградата во гробишта и на зградата на затворениот пливачки базен и поради тоа не сакаме воопшто да учествуваме во дискусијата за овие точки и донесувањето на една ваква одлука. Поради тоа како советничка група ќе ја напуштиме оваа седница – рече Драган Пековски, советник од ВМРО-ДПМНЕ.

Директорот Сашо Петрушевски се обиде да објасни дека решение за присина наплата веќе било издадено од УЈП, а со давање на недвижнини под залог ќе се спаси претпријатието да може да работи, а со тоа и градот да се спаси од еколошка криза.

Со оваа одлука која е единствена можна во овој момент се со една цел да обезбедиме минимум услови за работа, мислам дека не е итна, туку е преитна, со тоа што не е најсреќна, но за волја на вистината и други општини и други јавни претпријатија биле принудени од УЈП да се решат на ваков чекор и ова го има во десетина општини во Република Македонија – рече Петрушевски.

Долгот настанал во период од 2001 до 2006 година. Во 2010 бил потпишан договор за репрограмирање со временски рок на отплата до 2023 година, а била започната и судска постапка, но од УЈП договорот бил раскинат и на долгот била пресметана камата.

Советниците од мнозинството сепак ја изгласаа одлуката за давање залог од Општина Куманово како гаранција за одлобкирање на сметката на јавното претпријатие.