Царинската управа поднесе кривични пријави до ОЈО Куманово против неколку лица

Сподели со своите пријатели

Постапувајќи по констатирани неправилности, Царинската управа на Република Македонија во март 2017 година до надлежните јавни обвинителства поднесе 10 кривични пријави против 14 физички лица и 5 правни лица.

До ОЈО Куманово поднесена е кривична пријава против три македонски државјани М. С., Ј. Д. и М. С. На 25.03.2017 година околу 08:00 часот при вршење на царинска контрола на ГП Табановце на излез од Македонија бил запрен автобус со кумановски регистарски ознаки управуван од лицето Д.Ј. од Гостивар, кој сообраќал на редовна линија Гостивар-Женева. Автобусот и патниците биле селектирани за контрола, а при отворање на една патна торба царинските инспектори забележале дека во неа има вкупно 15 пакетчиња со различна форма и големина облепени со кафеава селотејп трака и стреч фолија, наполнети со марихуана со вкупна тежина од околу 10.500 грама. Царинската управа поднесе кривична пријава против осомничените лица до надлежното јавно обвинителство, поради постоење на основи на сомнение дека е сторено кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги психотропни супстанции и прекурсори“.

Поднесена е кривична пријава против Р. С. државјанин на Бугарија кој на 18.03.2017 година на ЦИ Деве Баир со патничко возило со бугарски регистарски ознаки се пријавил на влез во Македонија. При преглед на возилото во багажниот простор биле пронајдени два патнички куфери наполнети со поголема количина лекови (627 кутии со 15301 парче лекови – таблети) кои не биле пријавени, со вкупна вредност од 194.437,00 денари. Осомничениот е предаден на судија за претходна постапка во ОС Деве Баир каде со пресуда врз основа на предлог спогодба е огласен за виновен и условно е осуден со казна затвор во траење од 6 месеци која нема да се изврши доколку обвинетиот во рок од 2 години не стори ново кривично дело, како и казна протерување странец од земјата во траење од 1 година. Стоката и возилото со кое истата е превезувана се одземени.

Кривична пријава поднесена е и против Г. М. државјанин на Србија кој со патничко возило со српски регистарски ознаки на ЦИ Табановце се пријавил на излез од Македонија. При преглед на возилото во фиока помеѓу двете предни седишта, во едно снопче врзано со ластик, биле пронајдени фалсификувани девизни средства и тоа: 39 банкноти во апоени од по 100 евра сите со ист сериски број, 39 банкноти во апоени од по 200 евра со ист сериски број и 32 банкноти во апоени од по 500 евра со ист сериски број. Вкупната вредност на фалсификуваните евра изнесува 27.700 евра. Осомничениот е предаден на судија за претходна постапка во ОС Куманово каде со пресуда врз основа на предлог спогодба е огласен за виновен и условно е осуден со казна затвор во траење од 2 години која нема да се изврши доколку обвинетиот во рок од 5 години не стори ново кривично дело.

 

Loading...