Во текот на минатата недела, царинските службеници открија повеќе обиди за криумчарење разна стока, при што привремено се задржани девизи, сребрен накит, техничка стока, медицинска опрема, делови за мобилни телефони и обувки.

Девизи во износ од 8.900 евра биле откриени во два одвоени случаи при личен претрес на тројца македонски државјани, пријавени за излез од државата на граничниот премин Табановце автопат.
Во првиот случај, при личен претрес на возачот на македонски автомобил и неговиот сопатник, привремено биле задржани 5.900 евра. Во џеб од панталоните на возачот биле пронајдени 5.900 евра, а во рачна ташна на сопатникот биле пронајдени 4.000 евра, за кои не поседувале документи за потекло. Согласно законските прописи на патниците им биле вратени по 2.000 евра, износ што резидент може слободно да го изнесе од државата, а 5.900 евра биле привремено задржани.

Во вториот случај, во џеб од панталоните на возачот на бугарски автомобил биле пронајдени 5.000 евра за кои не поседувал документ за потекло. Како и во претходниот случај на патникот му биле вратени 2.000 евра, а 3.000 евра биле привремено задржани. Против тројацата патници се поднесени прекршочни постапки.

Вкупно 30 парчиња употребувани електрични алати: мотори за сечење дрва и бетон, брусалки, апарати за заварување, хилти, бор-машини биле откриени при контрола на германски автомобил, управуван од српски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат. Непријавените алати, пронајдени на задното седиште и во багажникот на возилото, се привремено задржани, а против возачот е поведена соодветна постапка.

