Градоначалниците од Североисточниот регион дебатираа за цените на водата

Сподели со своите пријатели

Регулирање на цената на водата денеска беше темата на која расправаа градочалниците на општините од Североисточниот регион со цел да изнајдат решение на проблемот со цената на вода кој повеќе години ги мачи општините во регионот, а пред се Општина Куманово.

Меѓу проблемите за кои треба да се изнајде законско решение е како селските водоводи да бидат ставени под контрола на комуналните претпријатија, кои ќе ги одржуваат и редовно ќе вршат проверки на квалитеот на водата.

Еден од проблемите што го имаме во Општина Крива Паланка тоа е дека добар дел од селските средини каде има помали водоводи за 15-20 куќи тие имаат сопствени водоводи правени со средства со донации, дали се тоа водоводи од сопствени средства, но сепак тоа се водоводи кои воопшто не се контролирани, кои се оставени на милост и немилост, така да во изминатиот период на неколку водоводи имавме појава да се јави ешерихија коли или други заразни бактерии од кои може да настанат болести. Во законот вика дека комуналните претпријатија во договор со населението може да ги преземат, тука доаѓаме до отпор така што населението мисли дека ќе плаќа кој знае колку пари и затоа не ги дава – изјави Арсенчо Алексовски, градоначалник на Крива Паланка.

Ваквите одлуки се очекува да донесат и промена на цената на водите, но дали тие ќе бидат повисоки или пониски ќе се пресметува со договор на локалните совети и јавните претпријатија.

Како што посочи градоначалникот на Општина Куманово, Зоран Дамјановски на денешната седница било расправано за донесување тарифник на сирова вода, прочистена вода, канализација и цена за прочистување на отпадни води.

Ова е почеток и не е решение бидејќи има многу недоразбирања и нејаснотии во однос на импакт на цената на сирова вода, во однос на што значи прочистување на отпадни води и оние кои ја загадуваат нема никакви казни, бидејќи не е исто да се прави трошок за прочистување на отпадни води, а другите да ја пуштаат во реката и да ја загадуваат и околината и таа вода која ја користат како сирова вода. Од таа позиција ова е многу корисна дебата во однос на методолгија на тарифникот на цената на водните услуги во четири елементи и тоа е почеток на крајот на голготата на релација со претпријатието Кумановско-липковско поле и Водостопанство кое ги користеше овие вакуми законски за политизирање, за условување, иживување за граѓаните на Куманово, мислам дека ова ќе стави крај на сите тие дивеења и Куманово ќе почне да функционира – изјави Дамјановски.

Еден од главните проблеми околу водите во Куманово е високата цена која ја плаќа комуналното претпријатие за сирова вода, а со донесување на нови законски акти треба да се донесе цена која ќе биде иста за сите локални самоуправи.