Во текот на минатата недела, царинските службеници спречија повеќе обиди за шверц на разна стока, при што привремено се задржани цигари, возило со бункер, моторцикл, марихуана, автоделови, облека и очила.
Едно патничко возило, марка BMW X5, со специјално конструиран бункер било откриено од страна на мобилните царински тимови. На 25.02.2017 година, во утринските часови, на граничниот премин Табановце автопат, за излез од државата се пријавил албански автомобил, управуван од албански државјанин, кој бил селектиран за преглед, при што искористено било и царинско куче. При прегледот биле забележани свежи траги од преправки кај праговите на возилото, по што била откриена вратичка зацврстена со штрафови за шасијата. Откако била одштрафена вратичката, биле откриени специјално конструирани бункери што може да се користат за криумчарење разна стока. Против возачот е поднесено барање за поведување прекршочна постапка.
Биле откриени и употребуван моторцикл, компресор за воздух и сушач за воздух за товарни возила, во два одвоени случаи на граничниот премин Табановце автопат.
Во првиот случај, при контрола на македонско патничко комбе, управувано од македонски државјанин, пријавено за влез во државата, во багажниот простор на возилото бил пронајден еден употребуван моторцикл, марка YAMAHA, во расклопена состојба.
Loading...
Во вториот случај, при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата, во багажниот простор на возилото биле пронајдени 1 компресор за воздух и 1 сушач за воздух, марка STRALIS, за товарни возила.
Во двата случаи непријавените производи се привремено задржани, а против прекршителите ќе бидат поведени соодветни постапки.