Вкупно 91% од милијарда и 474 милиони денари изнесува реализацијата на приходната страна на Буџетот на Општина Куманово за последниот квартал од минатата година.
Како што посочи раководителот на секторот за финансии при Општина Куманово, Ирена Илиевска реализирани се поголемиот дел од приходните и расходните страни на буџетот кои претходно биле испланирани.
На приходна страна имаме реализација од 91% во однос на планираниот Буџет, оделно се дадени приходите како се реализирани од сите сегменти на Буџетот, од основниот до самофинансирачките активности, до Буџетот на дотации и донации, а на расходната страна расходите се поделени на тековни и капитални, 89% е вкупното извршување, по оделно како се реализирани по програми и тоа за тековни трошоци на општината и капитални за она што е изградено во градот во текот на минатата година. Остатокот на се она што ќе остане ќе биде разлика која како салдо ќе се пренесе во наредната година со завршната сметка како пренесен вишок на приходи за 2017 година рече Илиевска.
Сепак расправата повторно помина со критика до локалната самоуправа од страна на советничката Христина Краиновиќ дека буџетот е ист како и изминатите години, а поради нереалната програма секоја година се прави ребаланс.
Даночните приходи беа нереално испланирани, од 500 милиони првично планирани 360 милиони денари со ребаланс сега се 299 милиони. Капитални приходи исто така беа нереално планирани со 199 милиони со првичниот Буџет, 73 милиони со ребаланс, сега се 31 милион и најважно за граѓаните на Општина Куманово, капиталните расходи кои од првичниот буџет сета онаа програма која вкупно изнесува 412 милиони, ја скративте со реабаланс на 203 милиони и сега капиталните расходи со четвртиот квартален извештај излегуваат 144 милиони денари како и секоја година – рече Христина Краиновиќ.
На денешната седница беше усвоена и одлуката за измена и дополнување на одлуката за извршување на Буџетот за 2017 година.
Loading...