Од почетокот на месецот вработените во Јавното претпријатие „Куманово паркинг“ не ги санкционираат граѓаните кои не плаќаат за паркинг услугите, а надвор од функција е и пајак возилото, ова денес го изјави директорот Фадиљ Шабани во одговорот на пресот на ОК ВМРО-ДПМНЕ дека паркинзите не се исчистени, а претпријатието е на зимски сон.
Ние продолжуваме со работа, меѓутоа самите сте сведоиц, пајак службата не функционира поради тоа што камионот е стар 1986 година и затоа ние сме претпазливи во овој период да не излегува на терен, бидејќи и временските услови не го дозволуваат тоа. Менаџерскиот тим одлучил овој месец да не ставаат канџи, бидејќи времето е такво и апркинг просторите се затрупани со снег. Приоритет овој период заедно со надлежните општински служби даваме за расчистување на улици и тротоари каде поминуваат пешаците, а во третиот дел доаѓа нашата работа – изјави Шабани.
Како што вели директорот на ова јавно претпријатие, имало совесни граѓани кои платиле за паркинг услугите, но оние кои не го сториле тоа воопшто не биле санкционирани.
Ваквата состојба ќе остане до крајот на неделата. Во текот на следната мислам дека улиците ќе бидат расчистени и ќе функционира нормално – рече Шабани.
Претрпената финансиска штета, како што вели директорот ќе биде надокнадена со внатрешна реорганизација во текот на следниот период.