Кошаркарскиот клуб Куманово обезбеди уште една победа, откако вечерва на гостински терен во рамките на БИБЛ лигата го совлада КК Башкими со резулат 86:83.
Убедлива игра уште од самиот старт за сино-белите носеше надеж за солидна разлика во финишот. Иако во даден момент изабраниците на Србиновски обезбедија водство од 23 поени, сепак во последната четвртина имаа огромен пад во концентрацијата па натпреварот го завршија со три поени разлика.
Во првото полувреме кумановци не дозволија водство на домаќините, а на момент поведоа и со 12 поени разлика, но сепак втората четвртина заврши со 10 предност за КК Куманово.
Веќе во вториот дел од средбата со својата доминација Милорад Пековиќ оствари значително водство за својот клуб, па третата четвртина заврши со 20 поени разлика во корист на Куманово, односно резултат 71:51.
Четвртата четвртина стана кобна за кумановци, откако падот на концентрацијата доведе до само 3 поени од израмнување на резултатот. Сепак со мали напори мечот заврши со резултат 86:83 што на КК Куманово му обезбеди нови 2 поени во табелата на Балканското првенство.
Најдобар во редовите на КК Куманово беше Милорад Пековиќ со реализирани 21 поен, додека веднаш зад него со 20 е Костоски, а со 10 Јанески. Костоски пак беше најдобар во делот на асистенциите и скоковите за својот клуб, односно 7 скока и пет асистенции.
Со оваа победа КК Куманово се наоѓа на втората позиција во групата Б од лигата, со четири поени, исто колку и Борое кој се наоѓа на првото место. Зад нив со 3 поени е Кожув.
фото: архива