Со богата културна програма која ќе трае три дена ќе се одбележи 90-годишниот јубилеј од постоењето на Културно-уметничкото друштво „Панче Пешев“ од Куманово.
Денес на прес конференција беше претставена целокупната програма која ќе се реализира со финансиска поддршка на Градоначалникот и Советот на Општина Куманово, како и Министерството за култура.
Градоначалникот на Општина Куманово, Зоран Дамјановски истакна дека ова е голем јубилеј достоен за почит и затоа локалната самоуправа во својата програма ги има предвидено средствата за одбележување на овој јубилеј.
Ако ги исклучиме професионалното „Танец“ кое е национално, меѓу културните друшва во Република Македонија, таков јубилеј, таква традиција, активност мислам дека на нашите простори и пошироко не постои и затоа мислам дека локалната самоуправа со задоволство ги поддржува овие активности. Мислам дека тежината на самиот настан зборува и за вклученоста на сите луѓе кои се активни во политичкиот живот во Куманово, негувањето на фолклорната традиција е едно од основните моменти на запазувањето на традицијата, етно вредностите на една нација, на еден етникум и тоа е многу битен елемент за продолжување на традицијата, обичаите и она што се вика идентитет на еден народ – изјави Зоран Дамјановски, градоначалник на Општина Куманово.
Програмата за одбележување на манифестацијата започнува во четврток кога во 18 часот неколку фолклорни ансамбли ќе имаат дефиле низ улиците и плоштадот во градот, а веќе половина час подоцна ќе следува и отварање на етно изложба за 90 години активност на КУД „Панче Пешев“, а вечерта ќе биде затворена со фолклорен настап на ансамблите „Варна“ од Бугарија, „Шумадија“ од Горњи Милановац, фолклорниот ансамбл „Битола“, каок и „Етнос“ од Скопје и домаќините од „Панче Пешев“.
Втората вечер, односно преку ден ќе имаме мал прием на одредени гости кои ќе бидат присутни на оваа наша манифестација кај градоначалникот во Општина Куманово, а вечерта со почеток во 18 часот ќе биде отворена, односно промовирана монографија која е направена за 90 години на КУД „Панче Пешев“, но со посебен белег или осврт на последните 10 години преку награди, признанија и фотографии. После отварање и промоција на книгата, една битна манифестација е свечената академија на која ќе има обраќање на претседателот на друштвото, одборот за одбележување и покровителот односно градоначалникот на Општина Куманово. Потоа ќе биде изведена пократка културна уметничка програма која ќе трае околу еден час со точки на гости од Србија и Бугарија, КУД „Панче Пешев“, зурли и тапани, младите уметници Ивона и Мартинијан – вели Мирослав Крстевски, претседател на КУД „Панче Пешев“.

