ОК ВМРО-ДПМНЕ: За час од 45 минути пливање општината сака да плаќа 140 евра

Сподели со своите пријатели

Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Куманово на прес конференција денес ја образложи својата одлука да ја напуштат седницата на Советот на Општина Куманово.

Според нив станува збор за текст, а не програма за реализирање на наставни, вонаставни и спортски активности по пливање во Затворениот базен. Како што истакна Драган Петковски, претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Куманово, ова не е програма што треба да се донесува по итна постапка, а немало време ниту квалитетно да се разгледа истата.

Петковски наведе најмалку пет причини зошто ја напуштиле седницата на советот:

  • Како прво не гледаме причина ова предлог-програма да се донесува по итна постапка, т.е. материјалите да ни се достават на самата седница, така да навистина немаме време квалитетно да ја анализираме и да донесеме став по ова прашање. Базенот се отвори пред скоро два месеци, а се градеше повеќе години така да предлагачот имал доволно време ова програма да ја изготви и навремено да ни ја достави, а доставувањето на самата седница не може поинаку да го сфатиме освен како обид набрзина, на мала врата да се протурка нешто, без соодветна проверка и анализа.

  • Второ, треба да гласаме за програма за реализирање на активности во објект за кој се уште не е донесена одлука кој ќе стопанисува со него.  Мислиме дека прво треба да се донесе ова одлука, а потоа и самиот Правен субјект кој ќе управува со градскиот базен да учествува во изработка на програма за користење на самиот базен.

  • Трето, треба да гласаме програма за реализирање на наставни и воннаставни активности, а на самата ова седница донесовме планови за работа на училишта, и во ниедна од нив не е имплементирана ова програма.  Дали со нејзиното донесување треба сите планови за работа на училиштата, треба да се корегираат и усогласат со неа.

  • Четврто, во образложение на предлогот е истакнато дека во програмата се вклучени и лица со интелектуална попреченост од Дневниот центар и од “Порака наша“,  додека во самата предлог-програма за ова нема ни збор. Каде се вклучени тие, како и колку или нивното вклучување е само декларативно и популистички.

  • Пето, Во точка 7 од предлог-одлуката е предвидено од буџетот на општина Куманово да се одвојуваат 1.000.000 ден. месечно или 12.000.000ден. годишно , или 1% од вкупниот буџет на општината, или ако дневно се предвидуваат 6 наставни часа, излегува дека за 1 час од 45 мин, општината треба да одвои околу 140 евра, што и за многу побогати општества е премногу. Особено ако се земе во предвид дека за многу други егзистенцијални потреби во градот, постојано се нагласува дека општината нема пари, дека сметката е блокирана и слично. Зар не е неопходно да се направи ребаланс на буџетот за да се одвои толку голема сума на средства. Или ако во Куманово има околу 20.000 семејства, а се предвидува 12.000.000 ден., излегува дека секое семејство треба да одвои по 600ден, односно по десет евра годишно само за оваа намена.  Убаво е да се има базен, ама дали не треба да ги прашаме граѓаните дали од својот и онака тенок семеен буџет се спремни да одвојат по 10 евра годишно – вели Петковски.

Според првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ од Куманово гласовите на опозициските советници не се пречка за да се изгласа некаква одлука, затоа што, како што потенцира Петковски, СДСМ и ДУИ си имаат мнозинство во Советот.

фото: архива