Претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељаноски во текот на вчерашниот ден со збиена агенда изврши повеќе средби со граѓаните на Куманово, а беше во посета на Центарот за култура „Трајко Поркопиев“ каде оствари средба со граѓаните кои го искористиле грантот за самовработување од првиот оглас на Агенцијата за вработување.
Куманово го сметам како град кој што е срж на една поголема бизнис групација во Македонија. Мислам дека со поразвиено Куманово имаме поразвиена Македонија. Затоа и средбите што ги имаме овде и со партиското членство и со група вработени преку АВРМ, преку програмата за самовработување, сакаме да се запознаеме, да видиме како тече она што ние во Собранието го гласаме, како се имплементира, затоа што е многу е важна имплементацијата на законските проекти – вели првиот спикер.
Според него суштината на законите е нивната добра имплементација, а овој проект укажува дека законот функционира и во дело.
По посетата на центарот за култура, Вељановски, заедно со пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ од Куманово, Зора Ѓорѓиевски, првите луѓе на партијата од Куманово остварија средби со граѓаните на населбите Карпош и Гоце Делчев.
Ќе поразговараме за локалните проблеми, за нивните идеи кои би можеле да се инкорпорираат во програмата за наредните парламентарни избори. Секојпат на овие средби може да се чуе некоја идеја, така што од средбите произлегуваат најголемите проекти за граѓаните на Македонија, рече Ѓорѓиевски.

