Советот на Општина Куманово денеска донесе одлука за покачување на цената на такси превозот во градот.
Како што информираше Лидија Ланг Спасовска од Секторот за комунални дејности, почетната цена за првите два километри во такси превозот ќе изнесува 100 денари, наместо досегашните 80, а секој следен километар ќе чини 40 денари.
Како што појасни раководителката Ланг Спасовска, покачувањето е на барање на такси компаниите.
– Оваа покачување произлезе по барање на превозниците. Сите сме сведоци дека дојде до зголемување на минимална плата така да придонеси и сите трошкови што ги имаат превозниците по однос на одвивање на овој сообраќај како и качување на цена на одржување на превозно средство, зборуваме за регистрација, одржување во поглед на масло, гуми итн и како последна стапка е покачување на нафтени деривати. Од тие причини сметаме дека нивното барање е оправдано и затоа е истото денеска на дневен ред на Совет на Општина Куманово, појасни раководителката.
Во пакетот за покачување денеска требаше да се донесе одлука и за зголемување на цената на билетот во автобускиот превоз, но во последен момент таа беше повлечена.
Последен пат такси-превозот во Куманово поскапе во 2022 година, кога исто така беше покачен за 20 денари.
Никола Ивановски

