Пазарниот инспекторат со засилени контроли на пазарот на ѓубрива

Сподели со своите пријатели

Државниот пазарен инспекторат најави засилени контроли на пазарот на ѓубрива, во согласност со одлуките на Владата, донесени со цел ублажување на економските последици и заштита на домашното земјоделско производство.

Инспекциските надзори ќе бидат насочени кон почитување на утврдените мерки, меѓу кои е ограничувањето на цените на неорганските ѓубрива.

Како највисоки цени во трговијата на големо се утврдуваат оние што важеле на 15 април 2026 година, намалени за 10 проценти.

Дополнително, бруто-профитната маржа кај неорганските ѓубрива се ограничува до 5 проценти, додека кај органските, органо-минералните ѓубрива, биостимулаторите и подобрувачите на почвата таа не смее да надмине 10 проценти.

Со мерките се воведува и обврска за редовно снабдување на пазарот.

Трговците на мало ќе треба месечно да обезбедуваат најмалку 70 проценти од просечната количина што ја набавиле во текот на 2026 година, додека трговците на големо се задолжуваат да испорачуваат најмалку 70 проценти од просечно продадените количини кон малопродажбата.

Одлуките ќе важат до 31 мај 2026 година, а од Државниот пазарен инспекторат најавуваат дека ќе постапуваат по сите утврдени неправилности и ќе изрекуваат соодветни санкции согласно законските надлежности.

Оттаму апелираат до сите економски оператори да ги почитуваат мерките, со цел обезбедување фер пазарни услови и заштита на интересите на земјоделците и граѓаните, потенцирајќи дека институцијата останува посветена на доследна примена на законите и зачувување на економската стабилност.