Отсекот за превенција при СВР Куманово одржа едукативна трибина посветена на безбедното одбележување на матурските вечери, под мотото „Матурска вечер без возило и алкохол“.
На трибината учествуваа матуранти од Гимназијата „Гоце Делчев“, СОУ „Перо Наков“, ОСТУ „Наце Буѓони“ и ДСУ РЦСОО „Киро Бурназ“, кои беа информирани за ризиците и законските последици од несовесно однесување за време на прославите.

Од полицијата потенцираа дека целта е матурските вечери да поминат без нарушување на јавниот ред и мир, без употреба на алкохол и без управување моторни возила под дејство на алкохол.
Особено беше нагласено дека возачите почетници не смеат да управуваат возило во периодот од 23 до 5 часот, освен ако не се во придружба на лице со возачко искуство подолго од две години.

Дополнително, на матурантите им беше укажано строго да ги почитуваат законските забрани за користење пиротехнички средства, како петарди и ракети, со цел да се избегнат инциденти и повреди.
Од СВР Куманово предупредија дека секое нарушување на јавниот ред, тепачки, насилство, злоупотреба на дроги или возење под дејство на алкохол ќе биде санкционирано со најстроги законски мерки.

Началничката на Отсекот за превенција, Лиле Младеновска, упати апел и до родителите, директорите и наставниот кадар активно да се вклучат во овие превентивни активности.
„Заеднички да придонесеме матурантите весело и безбедно да ја прослават матурата и достоинствено да го одбележат крајот на едно важно поглавје од нивниот живот“, порача Младеновска.
Никола Ивановски

