Градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски и претседателката на Советот на Општината, Ивана Ѓорѓиевска, денеска остварија празнична средба со граѓани, припадници на ромската заедница, по повод Меѓународниот ден на Ромите – 8 Април.
Во пријатна атмосфера, претставниците на Општината упатија честитки до ромската етничка заедница, нагласувајќи ја важноста на нивната вклученост во општествениот живот и унапредувањето на условите за живот.

На средбата се разговараше за актуелни теми кои ги засегаат жителите од повеќе населби, со акцент на создавање подобри услови и можности за нивна поголема вклученост во различни општествени области, како и за зголемување на информираноста и грижата за здравјето, образованието и социјалните прилики.
– Во оваа прилика сакам на сите Роми во Куманово, пошироко, цела Македонија и во светот да им го честитам овој голем ден за ромската заедница и да ги уверам дека градот ќе работи на подобрување на животните услови и секојдневието на сите наши граѓани, тука вклучувајќи ги и граѓаните од ромската етничка заедница, додаде градоначалникот.

Од Општината потенцираат дека и во иднина ќе продолжат со активности насочени кон подобрување на квалитетот на живот и еднаков пристап до услуги за сите граѓани.
Никола Ивановски

