Руските сателити направиле десетици детални слики од воени објекти и клучни локации низ Блискиот Исток за да му помогнат на Иран да ги нападне американските сили и други цели, според проценката на украинското разузнавање, пишува Ројтерс.
Наодите, до кои дошол Ројтерс, исто така сугерираат дека руските и иранските хакери соработуваат во сајбер-просторот.
Тие претставуваат најдетален извештај досега за тоа како Русија обезбедува тајна поддршка на Иран откако Израел и САД го започнаа нападот на 28 февруари.
Руските сателити, се вели во недатираната проценка, спровеле најмалку 24 истражувања на области во 11 земји од Блискиот Исток од 21 до 31 март, опфаќајќи 46 „објекти“, вклучувајќи американски и други воени бази и локации, аеродроми и нафтени полиња.
Во рок од неколку дена од снимањето, воените бази и штабовите беа цел на ирански балистички ракети и беспилотни летала, се вели во проценката, во она што беше опишано како јасен образец.
Западен воен извор и посебен регионален безбедносен извор за Ројтерс изјавија дека нивните разузнавачки информации, исто така, укажуваат на интензивна руска сателитска активност во регионот и дека снимките биле споделени со Иран.
Девет истражувања опфатија делови од Саудиска Арабија, вклучувајќи пет над воената база „Крал Халид“ во близина на Хафар Ал-Батин, во она што се чинеше како обид за лоцирање на елементи од американскиот систем за воздушна одбрана THAAD, според украинска проценка.
Области на Турција, Јордан, Кувајт и Обединетите Арапски Емирати исто така беа под сателитски надзор двапати, додека места во Израел, Катар, Ирак, Бахреин и американската поморска база Диего Гарсија беа еднаш, се вели во извештајот.
Како нов тренд, се додава во проценката, руските сателити активно го следат Ормутскиот теснец, клучен воден пат за една петтина од глобалните текови на нафта и течен природен гас, каде што Иран воведе де факто блокада на сите бродови освен „непријателските“.
Постојан комуникациски канал
Ројтерс не можеше независно да ја потврди содржината на украинската проценка.
Портпаролката на Белата куќа, Оливија Велс, изјави дека никаква надворешна поддршка за Иран од која било земја не влијае на оперативниот успех на Соединетите Американски Држави.
Министерството за надворешни работи на Иран немаше коментар.
Министерството за одбрана на Русија, кое ја нападна Украина пред четири години, не одговори на барањето за коментар.
Европските лидери го поставија прашањето до американскиот државен секретар Марко Рубио на состанокот на Г7 минатиот месец.
Двајца дипломати рекоа дека Рубио не ги коментирал обвинувањата, иако јавно ја отфрлил руската помош за Иран како незначителна.
Во украинската проценка се наведува дека размената на сателитски снимки е организирана преку постојан комуникациски канал што го користат Русија и Иран и дека може да биде олеснета од руски воени шпиони стационирани во Техеран.
Регионален безбедносен извор го потврди конкретниот инцидент детално опишан во украинската проценка презентирана минатата недела од украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Во тој инцидент, руски сателит ја снимил воздухопловната база „Принц Султан“ во Саудиска Арабија неколку дена пред Иран да го нападне објектот на 27 март, погодувајќи софистициран американски авион E-3 Sentry AWACS, се вели во проценката.
Руски сателит прелетал над истото место на 28 март за да го процени влијанието на нападот, се вели во проценката.
„Сеопфатно стратешко партнерство“
Русија и Иран ги продлабочија воените врски откако рускиот претседател Владимир Путин нареди целосна инвазија на Украина во февруари 2022 година.
Поточно, Украина и Западот тврдат дека Иран ја снабдувал Русија со дронови со долг дострел „Шахед“, која пак ги користела за бомбардирање на Украина, додека истовремено развивала свои, пософистицирани варијанти.
Иран негира дека снабдувал оружје што се користи против Украина. Путин и иранскиот претседател Масуд Пезешкијан потоа го потпишаа Договорот за сеопфатно стратешко партнерство во јануари минатата година.
Член четири од Договорот наведува дека „со цел зајакнување на националната безбедност и спротивставување на заедничките закани, разузнавачките и безбедносните служби на договорните страни ќе разменуваат информации и искуство“.
Кибернетички операции
Проценка на украинското разузнавање и извор од регионалната безбедност изјавија дека Русија, се чини, му дава помош на Иран во сајбер-областа.
Хакерските групи контролирани од Иран ги засилија операциите од крајот на февруари, насочени претежно кон клучни инфраструктурни и телекомуникациски компании во Заливот, рекоа тие.
Според украинската проценка, руските и иранските хакерски групи комуницираат преку Телеграм и се забележува соработката помеѓу руските групи „Z-Pentest Alliance“, „NoName057(16)“ и „DDoSia Project“ и иранската „Handala Hack“. На пример, минатиот месец беше објавено дека групите, вклучувајќи ја и Handala Hack, објавиле предупредување на Телеграм за напади врз информациските и комуникациските системи на израелските енергетски компании.
Во исто време, руските групи објавија податоци за пристап до системи за управување во клучни инфраструктурни објекти во Израел, се додава во соопштението.
Иранските хакерски групи, исто така, користеле некои техники во операциите што укажуваат дека ги добиле од руски воени разузнавачки хакери, се вели во соопштението.
На пример, се вели дека иранските хакерски групи „Homeland Justice“ (UAC-0074) и „Karmabelow80“ го користеле ProfitServer, руски давател на VPS услуги со седиште во Чељабинск, за регистрација на домени.

