Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес изјави дека долготрајната војна во Иран би била многу корисна за Русија и исклучително штетна за Украина.
Руската економија зависна од нафта добива значителен поттик од зголемувањето на цените на нафтата и олеснувањето на американските санкции, додека конфликтот би можел да доведе до недостиг на пресретнувачи на воздушна одбрана и друго оружје што очајно ѝ е потребно на Украина, изјави Зеленски за Аксиос.
„Сигурен сум дека Русија сака долготрајна војна. Тие имаат предности: САД се фокусираат на Блискиот Исток и би можеле да ја намалат воената помош за Украина. Санкциите се делумно укинати. Гледам само придобивки за Русија во продолжувањето на војната против Иран“, рече украинскиот претседател.
Зеленски додаде дека Украина споделила разузнавачки информации со лидерите на Блискиот Исток во врска со руската поддршка за Иран, вклучително и потенцијална помош во таргетирањето на американските и сојузничките бази во регионот.
„Мислам дека Русија директно го поддржува Иран, 100 проценти. Форматот на споделување сателитски снимки е ист како во случајот со Украина“, рече тој.
Зеленски додаде дека откако ќе заврши конфликтот со Иран, американската администрација ќе продолжи да врши притисок врз Украина за да ја принуди да направи територијални отстапки за да ја заврши војната со Русија.
„Сигурен сум дека претседателот Трамп и неговиот тим сакаат да ја завршат војната. Но, зошто ние да плаќаме за тоа? Ние не сме агресори. Тие не гледаат друг начин да го запрат Путин освен да ги повлечат украинските сили од нашата територија“, рече Зеленски.
„Она што ме загрижува е што никој навистина не ја цени опасноста што таквата одлука ја претставува за нашата безбедност“, рече украинскиот претседател.
Тој додаде дека разговорите во Мајами не дале резултати.
Високораинска украинска делегација се сретна со претставниците на Трамп, Стив Виткоф и Џаред Кушнер, во Мајами десет дена претходно.

