Димитриевски: Постои политичка волја за решавање на Пионерскиот дом (ВИДЕО)

Сподели со своите пријатели

По години неуспешни обиди, се отвора можност за решавање на статусот на Пионерскиот дом во Куманово.

Според градоначалникот Максим Димитриевски, постои политичка волја од надлежното министерство објектот да ѝ биде предаден на општината.

Димитриевски информираше дека Општина Куманово досега има поднесено шест иницијативи за преземање на објектот до Министерството за труд и социјална политика, но сите биле одбиени.

Сепак, како што посочи, во последните разговори има промена во пристапот.

– Постои политичка волја во оваа министерство овој објект да ни се отстапи за да можеме истиот првично да го исчистиме, потоа физички да го заштитиме, да го оградиме за да не влегуваат во објектот трети лица неосновано внатре и дополнително да изработиме целосна техничка документација за реконструкција на истиот, изјави Димитриевски.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Почина Цвета Андоновска, партизанка од Куманово

 

 

Тој појасни дека еден од клучните проблеми поврзани со објектот е неговиот правен статус, односно несоодветната намена.

– Не постои ниту еден законски основ истиот тој објект да си впише во имот на Општина Куманово и градинката „Ангел Шајче“ затоа што истиот објект има намена образование, а не социјална и детска заштита согласно генералниот урбанистички план, што значи тој проект кога е реализиран своевремено е прекршен законот, појасни тој.

Во дел од објектот во моментов функционира детската градинка „Ангел Шајче“, но, како што нагласи градоначалникот, тоа не е во согласност со предвидената намена.

Дополнително, Димитриевски укажа дека објектот во минатото бил сериозно оштетен и демолиран, при што дел од опремата била отстранета и продадена, а институциите не реагирале соодветно.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Неделна прогноза за Куманово: Облачно и претежно врнежливо

Тој потенцираше дека општината во моментов не може да интервенира без формално-правно да го добие во владение, бидејќи тоа би значело прекршување на законот.

Доколку се обезбеди тоа право, општината планира да започне со расчистување, обезбедување и подготовка на документација, по што ќе бара средства за реконструкција, како од државата, така и од странски донатори.

Во меѓувреме, како што информираше секретарот на Општина Куманово, Емилија Сларидис Јаневска, постапката е во тек, но се уште нема конечна одлука.

– Точката на влада е одложена се додека ресорното министерство не ни даде согласност. Повторно е ставена на влада, меѓутоа е одложена со цел да се договори ресорното министерство да ни даде согласност за да го земеме Пионерскиот дом во трајно владение, појасни секретарот.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  МРК Куманово го совлада Еурофарм Пелистер 2 (ФОТО)

Со евентуалното преземање, Пионерскиот дом би требало да ја добие својата првична намена и да се користи во делот на неформалното образование.

Никола Ивановски