Иран е помалку ранлив од другите земји во случај на напад врз неговата електрична инфраструктура, изјави иранскиот министер за енергетика Абас Алиабади во интервју за државната телевизија, по заканите од американскиот претседател Доналд Трамп.
„Ние произведуваме електрична енергија на различни локации, за разлика од земјите од Персискиот Залив и ционистичкиот режим (Израел) каде што производството е централизирано и многу ранливо“, рече тој, додавајќи дека земјата има повеќе од 150 електрани низ целата земја.
Американскиот претседател во саботата се закани дека ќе ја нападне енергетската инфраструктура на Иран во рок од 48 часа ако Техеран не го отвори повторно Ормутскиот теснец.
Трамп го смени курсот во понеделник, објавувајќи дека ќе му даде на Иран уште пет дена и споменувајќи разговори со Техеран за завршување на војната.
Иран, кој негира какви било преговори, предупреди дека во случај на напад врз неговата енергетска инфраструктура, ќе ја таргетира инфраструктурата на земјите од Блискиот Исток.

