Иран испали ракети кон 4.000 километри одалечена американска база

Сподели со своите пријатели

Иран испали две балистички ракети кон американско-британската база Диего Гарсија, која се наоѓа во средината на Индискиот Океан, оддалечена 4.000 километри, објави Волстрит џурнал во петокот.

Ниту една од двете ракети испалени кон базата не ја погодила целта, објави весникот, повикувајќи се на изјави од неколку американски функционери.

Според двајцата функционери, едната ракета не успеала во лет, а другата била соборена од американски воен брод.

Сместен на изолиран остров во архипелагот Чагос, британска територија, Диего Гарсија е една од двете бази што Обединетото Кралство им ги отстапи на САД во петокот за употреба за „специфични одбранбени операции против Иран“, заедно со Ферфорд во Англија.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Трамп: Изненаден сум што Австралија не испрати бродови

Тоа е стратешки клучна база за САД каде што нуклеарни подморници, бомбардери и разорувачи се стационирани во средината на Индискиот Океан, пишува Франс Прес.

Во 2025 година, Обединетото Кралство потпиша договор за враќање на суверенитетот над архипелагот Чагос на Маврициус, задржувајќи го правото на 99-годишен закуп за да се обезбеди континуирано работење на базата.

Кон крајот на 1960-тите и почетокот на 1970-тите, со цел да изградат база, Британците протераа околу две илјади локални жители од архипелагот, објавува Ројтерс.