Кривична пријава против градоначалникот Дамјановски

Сподели со своите пријатели

Секторот за внатрешни работи Куманово поднесе кривична пријава против градоначалникот на Оппштина Куманово Зоран Дамјановски и уште неколку лица вработени во општината.

СВР Куманово поднесе кривична пријава против З.Д. (60)-градоначалник на општина Куманово, Л.Л.С. (52) -раководител на Секторот за урбанизам во општина Куманово и В.Л. (62) -раководител на Секторот за инспекциски надзор во општина Куманово, сите од Куманово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.

Првопријавениот во ноември 2008 година ги пречекорил своите овластувања спротивно на Законот за градење и Законот за јавни патишта при што одобрил и ја пуштил во употреба реконструираната крстосница во Куманово помеѓу бул. „Трета македонска ударна бригада“, бул.„Октомвриска револиција“ и ул.„Бранко Богдански“ – Гуцман, иако знаел и бил должен да знае дека за истото дејствие потребна е употребна дозвола.

Второпријавената, со неизвршување на својата должност побарала одобрение за техничка документација во врска со сообраќајните знаци и сообраќајната сигнализација од МВР на РМ.

Додека, третопријавената со неизвршување на својата службена должност не побарала вработување за општинскиот инспектор за јавни патишта, ниту пак работните задачи за наведеното работно место ги доделила на некој друг од нејзиниот сектор. Поради горенаведеното од периодот на неофицијалното пуштање во употреба на крстосницата до денес се имаат случено 31 сообраќајна незгода во кои три лица го загубиле животот, шест лица се здобиле со тешки телесни повреди, 26 се здобиле со телесни повреди, а вкупната причената материјална штета изнесува 1.455.000 денари.

Во вториот случај СВР Куманово поднесе кривична пријава против В.Б. (63)-овластен градежен инспектор во општина Куманово поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „несовесно работење во службата“ и  „злоупотреба на службената положба и овластување“, В.Л. (62)-раководител на Сектор за урбанизам во општина Куманово поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „несовесно работење во службата“ и продолжено кривично дело „фалсификување службена исправа“ и З.Д. -градоначалник на општина Куманово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.

Првопријавената постапувајќи по пријава за узурпација на државен имот при вршење на инспекцискиот надзор пропуштила должен надзор при вршење на своите овластувања. Истото го сторила на тој начин што иако забележала и знаела дека повеќе лица-сопственици на имоти на ул „Веселин Вујовски“ од Куманово имаат узурпирано државно земјиште на кое што изградиле цврсти градби не извршила надзор кај сите нив, туку само кај лицето М.А. од Куманово, за што изготвила записник и решение за отстранување на градбата само кај него, за што донела и заклучок за извршување. Исто така, за наведеното лице првопријавената поднела и кривична пријава за сторено кривично дело „узурпација на недвижност“, а на сите останати лица кои узурпирале државно земјиште им овозможила и понатаму да го користат причинувајќи штета на Р. Македонија.

Второпријавената, иако била запознаена и свесна за погоренаведената состојба не презела никакви мерки за административното извршување на наведените правосилни и извршни акти со што му овозможила на лицето М.А., како и на сите други лица, и понатаму да го користат узурпираниот имот, а притоа изготвила службени исправи кои ги заверила со свој потпис и печат во кои внела невистинити податоци дека наводно до СВР Куманово поднела барање за асистенција за спроведување на правосилните акти употребувајќи ги истите како вистинити.

Третопријавениот, не постапил по решението од управниот инспектор од Куманово со што бил лично задолжен да преземе мерки и дејствија и да ги изврши горенаведените правосилни и извршни акти со што му овозможил на М.А., како и останатите лица, и понатаму да го користат узурпираниот имот на штета на Р. Македонија.