Амзир Рушити или познат меѓу кумановци како Оџачар Дино, се вклучува во нова хумана мисија за настраданите во Кочани.
Фокус на неговата мисија е прибирање финансиски средства за изградба на спомен обележје во градот Кочани на 63те жртви во пожарот во дисокетата „Пулс“.
– Оваа година иницијативата сакам да ја спроведам во Куманово. Да видиме колку сме хумани, да дадеме придонес ние од Куманово. Ќе помогнам да исчистам 63 оџаци од Куманово. Секој кој ќе донесе уплатница дека уплатил средстсва на оваа смета, јас ќе одам и ќе му го исчистам оџакот. Со тоа ние ќе дадеме наш придонес, изјави Рушити.
Дино и минатата година спроведуваше слична акција во Кочани, но вели дека немало голем интерес, со оглед дека сите жители беа под стрес.
– Луѓето беа во стрес, целиот град беше во стрес. Ужасна слика видов таму и ним не им беше дојдено до чистење оџаци во тој момент, додава тој.
Се надева дека кумановци ќе бидат хумани и ќе покажат интерес, со оглед дека вели градот секогаш помагал при големи хуманитарни акции.
Во меѓувреме планира да организира музичка вечер со кумановски естрадни уметници која исто така ќе биде од хуманитарен карактер, па ги повика сите уметници, но и бизнис заедницата да дадат свој придонес.
Никола Ивановски

