Трамп се закани: НАТО се соочува со „многу лоша“ иднина ако сојузниците не помогнат

Сподели со своите пријатели

Претседателот на САД, Доналд Трамп, апелираше до лидерите на многу земји да се вклучат во решавањето на проблемот со Ормутскиот теснец, кој Иран го затвори како резултат на нападите на САД и Израел и со тоа го запре протокот на нафта низ овој теснец.

Трамп, меѓу другото, се обрати до Кина и НАТО за помош.

На 3 март, Иран го затвори Ормутскиот теснец, еден од најважните патишта за извоз на нафта од Блискиот Исток.

Трамп побара од Кина помош за решавање на проблемот со Ормутскиот теснец, истакнувајќи дека може да го одложи планираното патување во Пекинг за самит со кинескиот лидер Си Џинпинг.

Тој рече дека би сакал да го знае ставот на Кина пред да се сретне со Си подоцна овој месец.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Фрагмент од иранска ракета ја погоди резиденцијата на американскиот конзул во Ерусалим

Во интервју за Фајненшл тајмс (FT), кое беше објавено во недела, тој истакна дека Кина треба да се вклучи и да помогне бидејќи добива 90 проценти од својата нафта преку теснецот.

Во својот одговор, кинеското Министерство за надворешни работи ја повтори својата загриженост за ситуацијата во Ормутскиот теснец и на Блискиот Исток, но дури и не ја спомена можноста за испраќање свои бродови за обезбедување на премин низ овој витален морски пат.

Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Лин Жијан, ја опиша ситуацијата како „напната“, велејќи дека таа ја поткопува глобалната стабилност.

„Кина уште еднаш ги повикува сите страни веднаш да ги прекинат воените дејствија и да избегнат понатамошно ескалирање на тензиите, како и да спречат регионални нарушувања што можат да имаат поголемо влијание врз глобалниот економски развој“, рече Џинг.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Училишна зграда е уништена во воздушен напад во Иран

Тој избегна да одговори на прашањето дали Кина добила формално барање од Вашингтон да ги испрати своите бродови во водите околу Ормутскиот теснец.

Кина не е единствената врз која Трамп врши притисок да се вклучи во решавањето на проблемот. Истото го побара и од Јапонија, Франција, Јужна Кореја и НАТО.

Тој го предупреди западниот воен сојуз дека се соочува со „многу лоша иднина“ ако сојузниците на Америка одбијат да помогнат во кризата во Ормутскиот теснец.

„Соодветно е оние кои имаат корист од морето да помогнат да се спречи нешто лошо да се случи таму“, изјави Трамп за FT, додавајќи дека „доколку нема одговор или ако одговорот е негативен, мислам дека тоа ќе биде многу лошо за иднината на НАТО“.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Властите во Дубаи приведуваат странци: Испраќале слики до семејствата по нападот

Тој исто така рече дека добил некои позитивни одговори, но и дека има такви „кои би сакале да не се вклучат“.

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, рече дека е во интерес на Европа да го задржи Ормутскиот теснец отворен и дека земјите-членки ќе разговараат што можат да направат во врска со тоа.

Зборувајќи за целите на војната во Иран, Трамп изјави за FT дека САД и Израел имаат усогласени цели, иако не се идентични во сè.

„Мислам дека имаме слични цели, но дека можат да бидат малку различни“, рече тој.

Тој исто така истакна дека постои тесна воена соработка и координација меѓу двете земји.