Грчки државјанин кој шверцувал дрога се нагоди со кумановскиот суд за условна казна затвор

Сподели со своите пријатели

До Основното јавно обвинителство Куманово е поднесена кривична пријава против Ј. Х. државјанин на Република Грција поради сомнение за Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, информираат од Царинската управа на Република Македонија.

Лицето на 24.08.2016 година со патничко возило со грчки регистарски ознаки се пријавил на излез од Македонија на ГП Табановце автопат. При извршена контрола на внатрешноста од возилото, поточно во просторот наменет за чување на документи од левата страна под воланот, било пронајдено едно пакување за режан тутун наполнето со четири цвета непозната растителна материја. По наредба на јавен обвинител, извршено е вештачење на непознатата материја, при кое е утврдено дека истата преставува марихуана со вкупна маса од 2,10 грама.

Осомничениот е предаден на судија на претходна постапка во Основен суд Куманово каде е донесена пресуда врз основа на предлог спогодба со која обвинетиот е прогласен за виновен и му е утврдена алтернативна мерка условна осуда – казна затвор во траење од 6 месеци која нема да се изврши под услов обвинетиот во рок од 2 години по правосилноста на пресудата да не стори ново кривично дело.